Младински совет Охрид: „Охридско Лето“ најрационално ги троши народните пари

Младински Совет Охрид, како дел од програмата за одговорна, кооперативна и транспарентна Локална Самоуправа го реализира проектот ,,Економски показател на движење на цени.  Проектот опфаќа набљудување на дел од јавните набавки во различните институции кои функционираат во општината.

Како што информираат од охридскиот Младиниски совет, првиот циклус на набљудување ги опфатил јавните претпријатија во општина Охрид, како и Локалната Самоуправа, но поради промената на власта, а со тоа и раководните позиции во претпријатијата во тој период, резултатите не се презентирани во јавност.

Вториот циклус на набљудување ги опфати националните институции од областа на културата, со седиште во општина Охрид и тоа:  НУ Центар за култура ,,Григор Прличев, НУ Библиотека ,,Григор Прличев, НУ ,,Охридско Лето,, и   НУ Завод за заштита на споменици на културата и музеј-Охрид.

Истражувањето за Економски показател на движење на цените од националните институции е изработено преку споредба на цените по коишто различните институции купуваат исти производи, велат од Младинскиот совет.

„ Ова истражување опфати исти видови производи што дава можност, освен споредба на цените, да се претстави и различниот однос на државните институции при спроведувањето на исти видови јавни набавки. Економски показател на движење на цени е изработен  за следните седум видови производи и тоа: хартија А4, регистратор А4, вирман, молив, коверт Б5, спајалици, ЦД.“– информираат од Младинскиот совет.

Оттаму додаваат дека согласно добиените тендерски документации, а врз направените анализи, може да се забележи дека НУ Охридско лето е најдобра институција која со својот начин за избор на тендер, го избрала најрационалниот. Второ рангирана институција е НУ Библиотека ,,Григор Прличев “, а трето рангиран е НУ Центар за култура ,,Григор Прличев“.  Заводот за заштита на споменици и народен музеј – Охрид е институција која за истите набавки потрошила најмногу финансии.

 „ Општиот заклучок од добиените сознанија е дека има големи разлики во цените кои што во некои случаи ја доведуваат во прашање рационалноста во трошењето на јавните пари. Ваквите разлики во цените, секако не се оправдани, ако се има предвид дека станува збор за инситуциите кои овие производи ги финансираат од еден ист извор, Буџетот на Република Македонија.“ – истакнуваат од МСО.

Младински Совет Охрид, вели дека ќе продолжи и понатаму да го следи трошењето на јавните пари, а врз основа на добиените информации ги дава следните препораки за подобрување на рационалноста во трошење на јавните пари:

 „Користење што е можно повеќе податоци за постигнатите цени на пазарот,  креирање фер услови за натпревар помеѓу фирмите, со цел да се влијае да се добие најдобрата вредност за парите (соодветен квалитет по пониска цена), доследно да се применува законската обврска за завршување на постапките со електронската аукција, и да се смета дека транспарентна и фер постапка е обезбедена со самото тоа што е објавен оглас за јавни набавки, бидејќи во голем дел нејзината успешност зависи од применетите критериуми за квалификација на фирмите за учество на тендерите, како и од квалитетот на тендерските документации и спецификации.“– информираат од МСО.