На конкурсот за пилоти на полициски хелихоптер досега пријавени 404 кандидати

По објавениот конкурс на МВР од 25 минатиот месец за прием на 12 извршители, со или без работно искуство, за работното место “пилот на хелихоптер“ при хелихоптерската единица на МВР, досега се пријавија 404 кандидати, од кои 218 тоа го направија по електронски пат преку веб страницата на МВР. Од пријавените кандидати 48 се жени.

Рокот на конкурсот (28 дена) истекува во сабота (22.02) до кога сите заинтересирани што не се пријавиле имаат можност тоа да го сторат во наредниве два дена со доставување на потребната документација во Секторите за внатрешни работи кои токму за оваа цел и во сабота до 16,30 часот ќе бидат достапни за пријавите на заинтересираните кандидати. Или заинтересираните тоа ќе можат да го сторат и по електоронски пат, во сабота до 24,00 часот, преку поставениот банер “АПЛИЦИРАЈ“ на веб страната на МВР од каде што можат да ја преземат потребната пријава за конкурсот и електронски да аплицираат.

Инаку, како што претходно МВР ја информираше јавноста на објавениот конкурс се бараат по шест извршители со средно (четиригодишно) образование и со високо образование. Кандидатите кои ќе ги минат строгата селекција потоа со МВР ќе склучат договор за обука за кандидат за пилот во времетрање од 19 месеци. По завршување на обуката кандидатите кои успешно ќе ја завршат обуката ќе добијат сертификат за оспособеност за звањето пилот на хелихоптер, а потоа ќе бидат распоредени на работно место – “пилот на полициски хелихоптер“.