Зголемен бројот на заболени од грип

Во текот на 7-мата недела од 2014 година (од 10.02.2014 – 16.02.2014 година), во Република Македонија се пријавени 3.975 (МБ 19,3/10.000) новозаболени од грип, што во однос на минатата недела претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи за 26% .

Во споредба со бројот на заболени во 7-мата недела од минатата сезона, се бележи зголемување за 51,1%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, се регистрира зголемување за 55,9%.

Во сезоната 2013/2014 (од 40 недела, 2013 заклучно со 7-мата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 14.909 (МБ 72,5/10.000).

Овој број е поголем за 39% во однос на истиот период минатата година, а за 26,6% во споредба со просечниот број заболени за оваа недела во претходниот 10-годишен период.

Во текот на 7-мата недела се регистрирани два смртни случаи со лабораториски потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А, со што вкупниот број на смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона се покачи на 5. Првиот смртен случај е маж на 55-годишна возраст од Скопје, а вториот случај е жена на 61-годишна возраст од Охрид. И двете починати лица не биле вакцинирани против сезонски грип.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци покажува дека за две недели во февруари регистрирани се најголем број на случаи со симптоми на грип – 47,8% од вкупниот број на заболени во целата сезона.

Во месец јануари се пријавени 45,6% од сите заболени лица.

Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ПЕ Кавадарци – 2.455 и ЦЈЗ Скопје – 2.364 заболени, а најголем морбидитет (568,9/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години со 9.669 случаи (64,9%), а најголем МБ (138,1/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.

Во текот на 7-мата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 27 материјали за тестирање на грип, од кои 19 биле позитивни и тоа: 15 се нетипизирани инфлуенца А вируси, 2 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, и 2 на вирусот на инфлуенца B.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 125 хумани материјали од здравствените установи, од кои 71 или 56,8% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните материјали, 90,1% се конфирмирани како инфлуенца А, а кај  9,9% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.

Од инфлуенца А позитивните, 12,5% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 29,7% се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 57,8% се нетипизирани инфлуенца А вируси.

Активноста на вирусот на инфлуенца е сеуште во континуиран пораст, бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија се зголемува.

Се очекува постепена стабилизација на трендот на пораст на активноста на вирусот на грип во наредните неколку недели.

Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца  – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.

Според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 6-тата недела, за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, се наведува дека е зголемено пријавувањето на лица со заболувања слични на грипот и со акутни респираторни инфекции во повеќето земји во Европскиот регион на СЗО.

Земјите од јужните делови го достигнаа пикот на сезоната, додека кај северните земји се забележува благ раст.

Субтиповите A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) ко-циркулираат, но A(H1N1)pdm09 останува предоминантен субтип во најфголем дел од регионот, освен во неколку европски и главно во западните евро-азиски земји каде доминира A(H3N2).

Типизираните вирусни инфекции кај хоспитализираните пациенти поради тешки акутни респираторни инфекции, го следат овој тренд.

Во текот на 6-тата недела биле тестирани 12.748 примероци од лица со заболувања слични на грипот, акутни респираторни инфекции и тешки акутни респираторни инфекции, од кои 21% биле позитивни за грип. Од позитивните наоди, кај 97% се работи за инфекција со influenza A, а само кај 3% – за influenza B инфекции.

Од почетокот на сезоната (40 недела/2013), детектирани се и типизирани 14.743 примероци. Од нив, 96% се типизирани како influenza A и 4% како influenza B.

Од influenza A потврдените наоди, 10.292 се субтипизирани – од нив  62% се A(H1N1)pdm09 и 38% се A(H3N2).

До крајот на 6-тата недела, 25 земји пријавиле доминатен инфлуенца А вирус за оваа сезона.

Од земјите кои даваат податоци за субтипизација – Грузија, Германија, Италија, Романија, Словенија и Украина пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2).

Во Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Грција, Унгарија, Исланд, Латвија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство (Шкотска) доминира  А(H1N1)pdm09, а Луксембург, Франција, Ирска, Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви.

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции незначително се зголеми во последната недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години.

Пет земји пријавиле вкупно 158 смртни случаи, сите поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, дури 80% биле A/H1pdm09, а  20% – A/H3).