Македонската А футсал репрезентација загуби со 3:2 на првиот од двата контролни натпревари против Србија на гостински терен. Нашата селекција одигра одличен натпревар, водевме со 1:0 и 2:1 со головите на Агуши и Левески, но добрата игра против силната Србија не ја крунисавме и со позитивен резултат. Македонската репрезентација покрај двата постигнати погодоци не искористи неколку одлични шанси да реализира. Селекторот Васко Скендеровски сепак е задоволен од изданието на нашите играчи, потенцирајќи дека во селекцијата недостасуваат интернационалците Ранготов и Мицевски, а не можеме да сметаме ниту на помладите играчи кои беа во составот на репрезентацијата до 21 година за натпреварите во Велес против Романија.
„Србија е доволно искусна и силна да казни за нашите нереализирани шанси, тоа е единствената причина за нашиот минимален пораз. Овој комбиниран состав на нашата селекција одигра добар натпревар, на моменти наметнавме силен ритам и навистина штета што не успеавме да реализираме по добри акции. Задоволен сум од изданието и придонесот на играчите кои одново покажаа дека рамноправно можат да играат против најдобрите европски репрезентации. Србија е шестопласирана од последното европско првенство и деветта од последниот светски собир на најдобри футсал репрезентации. Ќе одиграме уште еден натпревар, се надевам дека и резултатски ќе минеме подобро, заслужуваме позитивен резултат како плод на нашата работа, желба и пред се добра игра. Гледаме позитивно“, изјави селекторот на нашата репрезентација, Васко Скендеровски.
Во натпреварот против Србија во „Сала на спортовите“ во Белград, Македонија играше во состав Тодоровски, Удовалиев, Левески, Арсовски, Агуши, Глигоров, Османи, Петровски, Тодоровски, Крстевски, Јовановски, Петровиќ, Станоев, Чека.