Нов оглас за кредити за самовработување

Кредитите за самовработување можат да ги добијат невработените евидентирани во Агенцијата за вработување. Според условите за секое ново отворено работно место може да се добијат 3000 евра кредити. Ако се основа мала фирма со тројца вработени, кредитот може да достигне до 9.000 евра. За дејности од поголем обем може да се спојат и петмина невработени. Во тој случај првиот добива 5000 евра, а останатите по 3000 евра или вкупно 17.000 евра за почнување сопствен бизнис. Ако лицата кои аплицираат за кредити се невработени по основ на технолошки вишок или стечај можат да добијат уште дополнителни 1000 евра по лице.

Вториот оглас е за фирмите кои постојат барем една година. За нив има кредити во висина од 3.000 евра по новотоворено работно место, а максимум можат да добијат 9.000 евра или пари за три нови работни места.

Услов за фирмите е невработениот да е од евиденција на Агенцијата и да не бил вработен во претходните три месеци. Фирмата има обврска да ги задржи работниците на работа три години, во случај на прекин на работниот однос треба да го замени лицето со друго од евиденцијата на Агенцијата.

„Ова се кредибилни мерки кои покажаа резултати. Досега преку ваквите мерки се вработени повеќе стотици граѓани. Мерките нудат добри можности и добро е граѓаните да се заинтересираат, аплицираат и да ги искористат и на тој начин и тие да се приклучат на групата граѓани кои ги имаат искористено и преку нив ја обезбедуваат својата егзистенција“, вели за Економски владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Кредитите се под поволни услови. За самовработување каматата изнесува 1%, грејс период од една година, рок на отплата од 3 години за кредитите до 9000 евра и 5 години за тие над оваа сума. За фирмите, рокот на отплата изнесува две години. Огласот е отворен до 11 март.