Модернизираните лаборатории во функција на бизнисот

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција рече дека Владата на Република Македонија дефинирајќи го развојот на научно истражувачката дејност како еден од врвните приоритети во Програмата за работа, во 2010 година започна со реализација на капиталниот проект за „Опремување на лаборатории за научно-истражувачка и апликативна дејност”, преку кој досега со најсовремена апаратура се опремија 80 лаборатории на високообразовните институции и јавните научни установи на територијата на Република Македонија, за што се вложени средства во висина од 1,6 милијарди денари или околу 26 милиони евра.

„Станува збор за лаборатории кои нудат бенефиции за научната јавност и за студентите, но и за стопанството во целина. До овој момент првата цел од проектот за овозможување на поддршка на научно-истражувачката и високо образовна дејност е комплетно заокружена, односно покрај тоа што овие лаборатории се поставени во научно-истражувачките и високообразовни установи, истите активно се користат во рамките на практичната настава и се од корист за студентите и професорите.Втората цел на проектот е комерцијализација на овие лаборатории, односно нивно ставање во функција на бизнис заедницата и на стопанството, да може да бидат користени за цели на бизнисот и да овозможуваат поддршка на економскиот развој. Тоа е онаа цел за која што сакаме денес да информираме.

Кон крајот на минатата и почетокот на оваа година, Владата доби мислење од Институтот за акредитација дека четириесетина од овие 80 лаборатории покрај употреба во научни и образовни цели може да се употребуваат и во комерцијални цели односно да бидат ставени во функција на бизнис заедницата и да служат за задоволување на потребите на стопанството. Владата и Министерството за образование и наука во соработка со институциите и установите на кои овие лаборатории им се доделени за работа отпочнаа процес на акредитација, односно процес преку кој сите овие лаборатории во соодветна постапка ќе добијат документ дека со нивните технички способности може да бидат употребувани во издавање на сертификати и тестови за потврда на квалитет на материјали, постапки и останати процедури кои се од интерес за бизнис заедницата. Акредитацијата носи позитивни резултати, пред сé признаеност на тест извештаите и сертификатите кои се издаваат, во светски рамки, а со тоа и поголема употреба од страна на домашните компании.“– истакна  Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев  истакна дека покрај неколку лаборатории кои веќе претходно имаат добиено акредитација, останатите 32 лаборатории кои се погодни за комерцијализација веќе го отпочнаа процесот на стекнување на акредитација на лабораториите.

„Се работи за лаборатории кои би давале услуги на компании од областа на градежништвото, металургијата, нафтената индустрија, екологијата, медицината, фармацијата, биохемијата, електрониката, текстилната индустрија, енергетиката, минералните суровини и други дејности. Сите овие лаборатории, имаат преземено опсежни активности во насока на акредитација на лабораториите, како избор на консултантска компанија, назначени одговорни лица, анализа на постоечката документацијата, законска регулатива, најдобри пракси од други земји и дефинирање на меѓународни стандарди по кои ќе се акредитира лабораторијата, како и дефинирање на методите и постапките кои ќе ги извршува лабораторијата. Значи, предвидената динамика се остварува како што беше и планирано, и сите лаборатории се во процедура за добивање акредитација. Согласно планот, сите овие лаборатории треба да бидат акредитирани и ставени во функција на бизнис заедницата и стопанството кои имаат потреба од нив најдоцна до крајот на оваа година, при што согласно динамичкиот план, некои од овие лаборатории ќе бидат акредитирани веќе кон крајот на вториот квартал од 2014 година што значи дека веќе кон крајот на вториот квартал од годината некои од овие лаборатории ќе може да бидат употребувани од страна на компаниите за нивни потреби.“- рече  Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев додаде дека со овој проект се дава една сериозна поддршка на бизнис заедницата во нашата земја, и тој е во функција на создавање на подобри услови за работа на компаниите.

„Тој ја покажува и нашата константна поддршка на економскиот развој и на унапредувањето на бизнис климата. Со проектот се остваруваат повеќе цели кои се во интерес за компаниите, за државата и за економскиот развој и тоа:

Лабораториите нудат услуги коишто во минатото во земјата биле тешко достапни за компаниите, а сега како ресурс ги имаме во Македонија, што значи дека за многу тестови и сертификати во иднина компаниите нема да имаат потреба да одат да вршат испитувања во странство туку тоа ќе го прават тука во земјата. На тој начин ќе заштедат во време бидејќи резултатите ќе ги добиваат побрзо, а ќе заштедат и во пари затоа што нема да имаат потреба за трошоци за транспорт.

Компаниите ќе имаат значителни заштеди во пари и во однос на трошоците за самите испитувања. Согласно анализите, испитувањата кои ќе се вршат во домашните лаборатории ќе бидат од 2 до 4 пати поевтини во однос на испитувањата кои се прават во странство. На пример, Лабораторијата за обликување со деформација и брзи прототипови инсталирана на Машински факултет за услугата за испитување на механичките карактеристики на лимени материјали има цена од околу 15 000 денари или околу 230 евра, а истата услуга во западноевропските земји чини 450 евра плус трошоци за транспорт. Или пак, истата лабораторија, нуди услуга – испитување на алати по цена од 1500 денари, односно околу 25 евра, а истата услуга во западно европските земји чини 100 евра дневно плус трошоци за транспорт и царина на алатот.

Проценките и анализите покажуваат дека со комерцијализацијата на лабораториите, со нивната дејност и со услугите кои ќе ги нудат, институциите на кои им се доделени ќе ја повратат инвестицијата за набавка на лабораториите во рок од 3 до 5 години. Дополнително тие ќе остваруваат приход од самата дејност кој може да го употребуваат во нивни цели.“- истакна  Ѓорѓиев.

Со овој проект за комерцијализација на лабораториите се дава дополнителна поддршка на бизнис секторот и на домашните компании, се придонесува кон значителна заштеда на трошоци за компаниите, кон нивна поголема профитабилност и кон подобри услови. Со проектот се унапредува и имиџот на земјата и се даваат дополнителни можности во развојот на иновациите, претприемништвото и технолошкиот развој.