Делегација од Охрид во работна посета во Веспрем-Унгарија

Делегација на Општина Охрид предводена од Секретарот Димитар Спасески, заедно со директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Ристе Мишев и Конзулот на Република Унгарија во Македонија, Сашо Јанакиевски, се наоѓа во работна посета на Веспрем – Република Унгарија. Во рамки на престојот, вчера е остварена работна средба со градоначалникот на Веспрем, Ѓула Порга, при што е договорено двата града да започнат постапка за нивно збратимување, кое се очекува да биде официјализирано ова лето кога е најавено гостување на градоначалникот на Веспрем во Охрид. По овој чекор се очекува да се интензивира соработката помеѓу Веспрем и Охрид, во поглед на аплицирање и поддршка за користење средства од ЕУ фондовите. Овој унгарски град за седум години има реализирано проекти финансирани од ЕУ во вредност од околу 34 милиони евра.

Во рамки на престојот, делегацијата го посети тамошниот Универзитет за информатика кој е еден од најпознатите во Унгарија, каде е разговарано за поконкретна соработка меѓу овој и факултетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид. Меѓу другото се разгледувале можностите наши студенти во летниот период од годината да престојуваат во Веспрем, а се разговарало и за отворање на Факултет за животна средина во Охрид кој би работел по програма компатибилна со најдобрата европска универзитетска програма за оваа област.

Остварена е средба и со Претседателот на Управниот Одбор на Ракометниот Клуб на Веспрем кој изразил подготвеност за меѓусебна соработка, односно уште ова лето најавено е нивно присуство во Охрид . Инаку, веќе е договорена соработка меѓу ракометните клубови од двата града во делот на младински категории, што е особено значајно за сериозно спортско заживување на Охрид.

Во рамки на работната посета, денес пред градоначалникот на Веспрем и туристичката заедница на Унгарија, презентирани се можностите за инвестирање во Охрид во делот на туризам, како и презентација на брошурата INVEST IN OHRID, со сите можности, потенцијали и поволности кои ги нуди Охрид во делот на привлекување на странски инвестиции.

Vesprem_4851

Vesprem_4852