Актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, уште еднаш ќе ја трча претседателската изборна трка.
На Конвенцијата на владејачката партија, за избор на претседателски кандидат, гласаа 1300 делегати. Од кои 1099 гласаа за Ѓорге Иванов, 124 за Јове Кекеновски, Ставре Џиков доби 10 гласови, додека Божидар Ночев доби само 1 глас.
Во презентацијата тој истакна дека за него се најважни три основни принципи. Принципи да се биде чесен, искрен, да се биде вреден.
„Покажав дека сум искрен и непосреден во се што се остварува. Политиката не ме променила. Функциите доаѓаат и поминуваат. Македонија е таа што останува. Со чист образ пред вас стои Ѓорге Иванов, кој повторно ја бара вашата поддршка“, рече Иванов.
Тој нагласи дека во текот на мандатот примил повеќе од 5.000 граѓани.
„Ги слушав и се обидував да им помогнам во рамките на моите надлежности. Претседателот не е над граѓаните, туку е со нив и е еден од нив. Станав претседател за да им служам на граѓаните, на Македонија, а не тие да ми служат мене“, рече Иванов.
Иванов уште еднаш нагласи дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на името.