Интервју со Климе Шешоски, советник во охридскиот Совет.
WebOhrid: Кога човек ги набљудува активностите на Локалната самоуправа за Охрид во изминатава година, неодминлив лик на фотографиите од настаните е г.Климе Шешоски, еден од најзабележителните советници во Охридскиот Совет. Тоа значи дека сте дел од потесниот круг на соработници во кои верува градоначалникот?! Која е улогата на Климе Шешоски во Советот на град Охрид? Кои се, конкретно, Вашите задачи во тимот ?!
Шешоски: Да се биде советник во општина Охрид претставува голема чест меѓутоа и огромна одговорност. Посебно за да се биде дел од тимот на градоначалникот Бакрачески потребна е голема посветеност на работата односно пратење на интензивното темпо кое се наметна уште во првите денови на функционирањето.
Мојот мотив за член на советот на општина Охрид се идеите и искуството кое го стекнав во мојата област – енергетиката да ги имплементирам преку низата проекти од кои општината секако ќе има голем финансиски бенефит за кое сум цврсто убеден бидејќи техниката е егзактна наука. Уште една потврда за значењето на енергетиката е и во обраќањето на премиерот Никола Груевски кој нагласи дека една од главните следни насоки на Владата ќе бидат во областа на енергетиката за која ние сме целосно подготвени.
Мојата заложба е доследно и технички исправно имплементирање на предлог проектите и оправдување на предвидените резултати. Сепак проектите од енергетиката изискуваат големи инвестиции, не може едноставно да се избрзува во оваа област, па затоа пред донесувањето на било која одлуката се прават низа анализи (на кои што моментално и работиме) за исплатливост и оправданост. Изработката на овие проекти и анализи за исплатливост претставуваат виза за аплицирање во европските фондови кои овозможуваат средства за примена на предлог мерките.
Покрај тоа член сум на комисиите за:
1. Комисија за урбанизам,
2. Комисија за животна средина,
3. Комисија за Локален економски развој и туризам,
каде што работиме на проектите за подобар Охрид.
WebOhrid: Вие, како еден од поуспешните бизнисмени во Охрид веќе сте еден од градските татковци. Како еден од татковците, колку татковски се грижите за новиот лик на Охрид, со што тоа го докажувате?!
Шешоски: Целта на формирањето на Советот на градските татковци е да се направи еден вид на хоризонтално поврзување на сите субјекти во сферата на економијата, односно поврзување помеѓу институциите и телата што работат во склоп на Локалната самоуправа, експертската јавност, бизнис заедницата и работодавачите. Формирањето на градските татковци всушност претставува едно советодавно тело кое меѓусебно ги поврзува претходно наведените структури со што се олеснува нивната меѓусебна комуникација, зголемувајќи ја ефикасноста во нивното работењето.
Наједноставно речено, целта е унапредување на економскиот развој на Охрид, но зад тоа стои позната комплексност под влијание на низа параметри, а наша задача е поставиме оптималност во релациите. На состаноците на советот главно презентираме свои идеи, гледишта, споделуваме искуства како со постоечките ресури и состојби кои ни се на располагање да се добијат поголеми резултати, односно со кои проблеми се соочуваме и како адекватно тие би ги решиле. Дискусиите, споделување на различните идеи, гледишта и информации на членовите од советот се главните двигатели и ресурси од каде произлегуваат одлуките за активностите кои се преземаат.
Сведоци сме дека одамна постои масовната миграција на младите од Охрид со што целокупно се губи движечкиот дух на градот, односно бледнее стожерот од каде што треба да произлезе целата иницијативност и амбициозност. Затоа главниот акцент е ставен кон изнаоѓањето на решенија за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на постоечките економски/индустриски капацитет во Охрид, олеснување на нивното функционирање, со што само така би се придонело кон техничко економски прогрес, отворање на нови работни места, како за кадарот со средно образование така и за високо образованите личности.
Моментално гледајќи ги тековните расположливи ресурси во Охрид, моја заложба е целокупното работење и ресурси да се посветат кон овозможување услови и интерес, а потоа мотив повеќе за интелектуалниот капацитет да остане во Охрид, давајќи свој придонес преку продуцирање на низа свежи и напредни идеи за кои сум убеден дека многукратно ќе придонесат кон подобрување на виталноста на Охрид и ќе се зададе дополнителен и значаен импулс во развојот.
Една од главните моментални работи која ми дава голема доза на оптимизам е изградбата на патот Кичево-Охрид со што градот се отвара за комуникација и развој, а знаеме што значи да се патува до Охрид – помалку заморно е да се патува Скопје-Белград отколку Скопје-Охрид. Убеден сум дека олеснувањето на транспортот до Охрид односно намалувањето на трошоците ќе има голем економски бенефит како во туризмот така и во постоечката индустрија.
WebOhrid: „Шешо Инженеринг“ е една од постарите фирми во градот. Колку е успешна и кој е клучот на еден успешен менаџер како што може да се каже и за Вас?
Шешоски: Фирмата Шешо Инженеринг е основана во 2001 година со основна дејност на проектирање и изведување на системи за греење, климатизација и сончеви системи. Започнавме да работиме како мала екипа со мал канцелариски и магацински простор, меѓутоа со голем ентузијазам. Со тек на времето продуцирајќи квалитет и исполнителност, работата добиваше на интензитет па така и ние се прилагодувавме зголемувајќи ги нашите капацитети како во простор, опрема, така и во интелектуалниот дел, па денеска фирмата брои 15 вработени.
Зад успешноста во фирмата најпрво стои посветеноста, меѓутоа и големата тимска работа. За успешно и квалитетно завршување на работите, односно постигнување на крајната цел-задоволен потрошувач, постојат повеќе функционални целини тргнувајќи од проектирањето за кое се грижат двајца машински инженери и еден електро инженер, па се до набавката и изведбата на системите.
Интензитетот на развојот на една фирма директно се рефлектира преку стручноста и компетентноста, па затоа едната од главните мои заложби е постојано усовршување на вработените, а тоа го остваруваме преку посета на стручни семинари, саеми и обуки.
Другата заложба е постојано осовременување на опремата што директно се одразува во квалитетот на работата.
Уште една клучна компонента во успешноста на постоењето е изнаоѓањето на оптимално решение и понуда помеѓу постоечката технологија и економските капацитети на инвеститорот. Затоа политиката на фирмата е секогаш да понуди предлог проект/решение и да ги посочи постоечките предности и недостатоци.
Тука би нагласил дека за да постои успешност во било која работа треба да се водиме од паролата „цело е кога има се“ и сепак во оваа проблематика стручноста сепак прави разлика.
ПОЗАДИ СЕКОЈА ДОБРА ФИРМА СТОИ ДОБАР МЕНАЏЕР.
Менаџирањето е главниот двигател во секоја една фирма. Од тоа зависи и успехот во работата.
Ова посебно го нагласувам и за работата на Општината – ДОБАР МЕНАЏЕР (ГРАДОНАЧАЛНИК) – ОДЛИЧНА ОПШТИНА.
WebOhrid: Имате време да бидете дел и од Клубот на Охридските Лајонси. Како Ви стигнува време и кои се успесите на охридските Лајонси? Поконкретно, кои се активностите на овој елитен клуб?!
Шешоски: Членувањето во ЛАЈОНС клубот е волонтерска работа која многу ме исполнува. Впрочем, претставува голема чест и задоволство да се биде дел од ваков клуб којшто има толку благородна цел на постоењето, а тоа е помагањето.
Лајонс интернешнал е интернационална организација зад која стојат околу 46 000 клубови со 1,35 милиони членови на светско ниво.
Главната идеја за формирање на овие клубови е членството на клубот да придонесе кон подобрување на состојбите во општеството.
Затоа наша главна мисија во клубот е организирање на разни донаторски настани како приредби, изложби и.т.н. каде што преку наши донациии, т.е. на членовите како и на гостите, собраните финансиски средства ги донираме за разни хуманитарни цели како на пример:
1. Сојузот за слепи,
2. Болници,
3. Индивидуални беспомошни болни лица,
4. Пакети за социјални лица,
5. Разни други хуманитарни акции од областа на животна средина.
WebOhrid: Како гледате на Охрид од пред една година наспроти Охрид денес и како го го гледате Охрид по четири години?
Шешоски: Охрид пред една година: Долг од 33 милиони евра, превработеност во Локалната самоуправа и јавните претпријатија, блокирани сметки и големи проблеми во функционирањето на образовните институции.
Денес можеме да кажеме дека преземените мерки и деноноќната работа во изминатиов период вродија со плод. Се презедоа мерки за стабилизација на општинските јавни претпријатија преку нивно максимално ангажирање за потребите на Локалната самоуправа.
Изминатиов период реализирани се разни проекти, како пример решени се инфраструктурно, односно асфалтирани се дел од улиците и саниран водовод и канализација и тоа:
1. Улица Радојца Новичиќ, Крум Точко, Петрино, Богомилска, АСНОМ, Сирма Војвода, и дел од други улици.
2. Тековно сервисирање на долговите од Општната за околу 45 милиони денари.
3. Лизгалиштето на Градскиот плоштад.
4. Партерно уредување на малиот градски плоштад.
Во оваа 2014 година се работи со поголемо темпо и динамика. Веќе на повидок се разни донации од областа на енергетска ефикасност и замена на скапите горива со разни обновливи ресурси.
Охрид по четири години ќе биде град со големи изгледи да ги врати младите назад во родното место (сега е ако може да се каже пензионерски град или како што кажа еден од советниците од опозицијата-ПОТОНАТ ГРАД).
Затворениот пазар, уличното осветление со лед-технологија, затворениот базен во наредниве две-три години ќе бидат РЕАЛНОСТ.
Бидете сигурни дека ова не е политички маркетинг, ова е реалност, затоа што Градоначалникот веќе оформува тим, тим кој нема да знае за пораз. Се разбира делата и времето ќе си го кажат своето.
Продолжуваме да работиме со засилена динамика за да го вратиме Охрид во сиот негов сјај.
Охрид заслужува да биде БИСЕР БАЛКАНСКИ!
WebOhrid: На Вашиот фејсбук-профил на насловната Вие сте со стисната тупаница со која поранешниот градоначалник Александар Петрески атакуваше на нов мандат. Заврши како што заврши, но остана да се прикажува дека Вие, со таа стисната тупаница сте изгледале како да ја водите неговата кампања, а од друга страна тие фотографии ги правевте како кандидат за советник и во близина на сегашниот градоаначалник. Која е всушност приказната за таа крената стисната тупаница? Која е вистинската приказна?!?
Шешоски: Стиснатата тупаница е симбол на поддршка, поздрав, а кај нас често се изедначува и со победа. Како симбол и како поздрав, кренатата стисната тупаница датира од многу поодамна, така што, поголемата маса не ја сфаќа како обележје на опозициската кампања. Но, ако веќе се интересирате за вистинската приказна, можеби јас не сум најсоодветното лице на кое треба да се обратите за одговор, бидејќи вистинската приказна е желба за медиумска сензација. Патем, фотографиите од предизборната кампања на мојот личен Facebook профил беа објавени на 5-ти март, а официјалната кампања на опозицијата за локалните избори започна дури на 10-ти март.
WebOhrid: Во овој гореспомнат контекст, какви се Вашите релации со опозиционерите за време на седниците или надвор од собраниската сала?
Шешоски: Опозиционери е често употребуван збор на кој често му се дава негативна конотација како непријатели и.т.н…, меѓутоа според мене тоа се луѓе со различни гледишта, идеи, ставови. Природно се наметнува потребата од постоење на спротиставување, како би постоел напредок во било која работа. Затоа секогаш доследно ги бранам моите ставови и гледишта, но никако тоа не го поврзувам со личноста на поединецот од спротиставената страна. Затоа, постојано се обидувам мојот однос да се окарактеризира како човечен и достоинствен.
WebOhrid: Денес е Прочка, денот кога си простуваат и небото и Земјата? Кому Вие и за што ќе му простите на овој ден и од кого Вие очекувате простување?
Шешоски: Верскиот празник Прочка го празнувам како и секој верник, односно традиционално барајќи прочка и простувајќи. Овој ден е само симбол, сублимација, да не потсети на тоа што треба да биде дел од нашето секојдневие. Сите ние имаме систем на вредности и сфаќања од каде и произлегува поимот „ми згреши“, меѓутоа сепак свесноста е одлика на човекот и затоа секогаш треба да се најде доволно сила и доблест да простиме или да побараме да ни простат.
WebOhrid: Вашата порака врзана за простувањето?!
Шешоски: Да се простува секогаш и секаде и да не дозволиме „гневот да го надвладее разумот“.
WebOhrid