Новоасфалтирани улици и потпорен ѕид во Пештани

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска во туристичката населба Пештани направи увид на инфра-структурните работите кои што  во  изминатите околу  три месеци  ги реализира   Општина Охрид. Во Пештани еќе  е изграден потпорниот ѕид, асфалтирана е улицата „Стевче Илоски“, а реконструирани се и две помали улички.  

„Задоволен сум од реализираните активности. Потпорниот ѕид  кој се  простира  од рибниот ресторан до објектот на некогашната полициска станица во должина од 200 метри е целосно изграден. Во тек се активности за уредување на инсталациите односно инфраструктурата  и веднаш после тоа просторот хортикултурно ќе се уредува. Со тоа целосно ќе заврши комплетниот проект на локалната  за уредување на овој дел од   езерскиот кеј во Пештани. Претпоставувам дека  ова место  ќе биде едно од најдобрите шеталишта и за мештаните и за гостите“ , рече градоначалникот  Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески истакна дека  населбата Пештани пред почетокот на туристичката сезона  ќе биде средена во делот на она што  е  предвидено  со годинешната програма за работа.

„Нов асфалт е поставен  на улицата „Стевче Илоски“ на површина од 600 метри квадратни. Исто така  реконструирани  и уредени се  уште две помали улички во Пештани. Со задоволство можам да кажам дека најголем дел од  работите се завршени, оние што останаа  очекувам  бидат завршени во текот на овој месец“  , додаде градоначалникот.

Жителите на  Пештани задоволни од градежните зафати на Општината  и интересот на градоначалникот Бакрачески за решавање на проблемите, очекуваат да имаат плодна туристичка сезона која ќе ја дочекаат подготвени.

„Покрај убавината, со реализација на овие проекти, ја добивме и сигурноста . Задоволни сме од она што Локалната самоуправа го  сработила  и што ќе  го работи во иднина. Разговаравме со Градоначалникот и тој е расположен за средување на големата плажа што подразбира и средување  на просторот каде би се закотвувале чамците. Мислам дека туристичката сезона што ни е во пресрет ќе ја дочекаме многу поподготвено  во однос на изминатите“, рече претставникот од Месната заедница од Пештани, Љубе Бубески.

Покрај во Пештани  нов асфалт е поставен   и на една поголема уличка во населбата „Шипокно“ во близина на манастирот Св.Стефан каде е уреден и паркинг просторот пред манастирот. 

Наредниот период  ќе се асфалтираат неколку улици во Охрид и приградските населби кои целосно се подготвени и тоа: дел од улицата „Македонски Просветители“ зад Основниот Суд Охрид, два  краци во село Лескоец и  два краци на улицата „Ѓорги Сугаре“ во Урбана заедница  „15 Корпус“. 

Во активностите се вклучени охридските Јавни претпријатија: „Градски гробишта“, „Нискоградба“  и „Комуналец“.