Ставрески: Годинава 365 милиони евра за градежни инфраструктурни проекти

Градежништвото минататата година оствари раст од 33 проценти и имаше значајна улога во растот на економијата во целост. За годинава од Буџетот се предвидени 365 милиони евра за реализација на инфраструктурни проекти.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески прогласувајќи го за отворен 11. Меѓународен сам на градежништво, градежни материјали и градежна механизација и на 4. Саем на недвижности и инвестиции – RealExpo.

Потенцира дека растот не е случаен и дека е поттикнат од низа мерки и активности и потези што ги прави и приватниот сектор и Владата во насока на поддршка на градежната активност. Изрази верување дека со силната поддршка од Владата, градежниот сектор и во наредниот период ќе има добри резултати.

„Предвидените средства за 2014 година ќе завршат во изградба на патишта, училишта, спортски објекти и се она што може да даде работа за македонските градежни компании и за вклучување на македонски работници или за подобри резултати на фирмите“, рече вицепремиерот и додаде дека голем број македонски фирми беа вклучени во реализација на капиталните проекти кои се финансираат од буџетот, но дека и голем дел ги искористија можностите за да изградат згради, индивидуални куќи или деловни објекти.

Ставрески смета дека важни се и други мерки што се преземаат за подобрување на бизнис климата меѓу кои поедноставената процедура за издавање градежни дозволи, продажбата на градежно земјиште од едно евро за метар квадратен, како и проектот „Купи куќа, купи стан“.

Според вицепремиерот, главната улога во секторот градежништво ја имаа фирмите од приватниот сектор.

На годинашната саемска манифестација се пристуни 300 компании од Македонија регионот и пошироко, како и на инвеститори во рамките на RealExpo, и се очекуваат 15.000 посетители.

Градежниот сектор очекува годинава да продолжи да расте. Да има поголема побарувачка на градежни материјали, цените сметаат дека можеби ќе се променат но незначително, а за цената на становите посочуваат дека е оптимална. Градежните фирми посочуваат градат висококвалитетни градби.

Ванчо Чифлиганец од АДОРА Инженеринг посочи дека тие градат 250 станови годишно и оти сите се продаваат кога станува збор за вискоквалитетни градби. Годинава потенцира дека компанијата има за 10 проценти повеќе продадено станови во однос на претходните месеци.

„Има мал пад на цената и мислам дека под таа цена не може да се спушти. Во скопје цената од 900 до 1.200 евра е нормална цена за македонски услови“, рече Чифлиганец.

Велимир Петровски од Кнауф Радика посочи дека годинава очекуваат раст од 20 отсто, кој го очекуваат од проширување на продажната програма.

„ Цените потенцира дека се стабилизирани иако сме под притисок на зголемување на цените на енергенсите и репроматеријалите кои доаѓаат од увоз. Енергенсите се голема ставка во производството и затоа сметаме дека гасификацијата ќе и помогне на индустријата на производство“, рече Петровски.

На саемот за градежништво, кој подразбира сестрана промоција на оваа стопанска дејност на производителите и трговците од Македонија и од странство, се нудат производи и услуги за работа, модернизирање, одржување и опремување објекти и имоти. Акцентот ќе биде ставен на новите материјали кои обезбедуваат енергетски заштеди. Се очекува тој да го привлече вниманието на експертите од областа на градежната индустрија и да овозможи средби, дискусии и склучување зделки.

На саемот на недвижности, пак, ќе бидат понудени над 3.000 станови во Скопје, Охрид и Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.