Американски компании ќе се информираат за инвестирање во Македонија

Американски компании кои се заинтересирани за проширување на своите производствени капацитети на територијата на Европа, денеска ќе се запознаат со инвестициските поволности што ги нуди Република Македонија.

Можностите за инвестирање ќе ги претстават вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, амбасадорот на Република Македонија во Соединетите Американски Држави Зоран Јолевски и економскиот промотор Дејан Величков во Јангстаун, САД на форум организиран во соработка со регионалната стопанска комора.

Посетата на градовите засега се реализира успешно. Посетуваме градови во САД кои досега не сме ги посетиле но како области имаат значителен број на производствени компании со глобални операции. Особено важно е што покрај бизнис форумите во секој од овие градови имаме можност да оствариме директни средби со менаџерските тимови на повеќе глобални компании во секој град и во детали да ги презентираме предностите за лоцирање на нивни производствени капацитети во Македонија“, изјави вицепремиерот Пешевски.

Во рамки на посетата на Јангстаун, планирани се и индивидуални средби со неколку глобални компании од металната индустрија, кои имаат пројавено интерес за условите за инвестирање во Македонија, особено за можностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони.