Денес е Светски ден на енергетската ефикасност

По повод 5 март – Светски ден на енергетска ефиксаност, тимот од Локалната агенција за развој, Струга која го спроведува проектот „Сино и зелено наспроти црно и сиво“,  ја известува јавноста дека трошат речиси двојно повеќе енергија од европскиот просек.

„Во таа смисла потребна ни е поширока акција за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Токму енергетската ефикасност значи намалување на енергетската потрошувачка без притоа да се наруши комфорот на животот и работата на населението. Едно од решенијата е и инвестирање во обновливите извори на енергија. Обновливите извори на енергија, кои се лесно достапни во руралните области кои се целна група на нашиот проект, во најголема мера се неискористени и најчесто претставуваат отпад од самиот процес на производство. Инвестирањето во нови технологии ќе придонесе за нивно искористување, со што ќе се зголеми производството, ќе се создадат нови работни места и ќе се обезбеди социјална сигурност. Воведувањето на енергетската ефикасност и поголемото искористување на обновливите извори на енергија придонесува кон остварување на позитивни финансиски ефекти и зачувување на животната средина. “– велат оттаму.

Локалната Агенција за развој (ЛДА) во соработка со партнерите EuroPartners Development и Eco Partners for Sustainable Development од Албанија започнаа со спроведување на проектот ‘Сино и зелено наспроти црно и сиво”. Проектот е во рамкките на ИПА програмата Македонија – Албанија финансиран од Европската Унија во мерката 1.2: Одржлив развој со акцент на заштита, прoмоција и управување со природните ресурси и екосистеми. Главната цел на проектот е да помогне во ефективна и одговорна употреба на природните ресурси во прекуграничното подрачје на Охридското Езеро, подобрувајќи го одржливиот развој на регионот.