ВМРО-НП предлага намалување на казнената политика

Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО – Народна партија, Ванчо Костоски денеска на прес – конференција истакна дека откако ќе се конституира новиот состав на Собранието на Република Македонија, ВМРО – Народна партија ќе поднесе иницијатива за намалување на казнената политика.

„Една казна за пушење на недозволено место е 9 000 денари. Тоа е еднакво на цела плата која реално ја примаат граѓаните. Каде во светот казна за пушење е колку една плата во земјата? Да не зборуваме за казните за движење на автопат со брзина од 120 километри на час, каде нашите патишта за жал дозволуваат 80. Тоа го нема никаде.“ – истакна Костоски.

Костоски обвини за превисоките казни кои денес ги спроведува власта и заради кои многу сопственици на фирми, откако ќе ја добијат казната мораат да стават клуч на истите.

„Околу 10.000 евра се движат казните на мали фирми за непријавен работник. За неиздавање фискална сметка казните се движат од 3.000 до 5.000 евра. Казните мора да бидат сразмерни со економската состојба на државата.“ – нагласи претседателот на ВМРО – Народна партија, Ванчо Костоски.