Колку близу бил рајот, барем оној за глетка во очите и за одмор на душата! Ако патувате, ако сте од Охрид, или ако сте во Охрид, тогаш ви недостасуваат само 7 (седум) километри за да стигнете во Косел. Застанете пред фабриката Мегасеф (пред Емо) и свртете десно. Само на 300 метри оттука, погледот ќе ве однесе до дворот на семејството Џулијано и Валентина Наумоски. А тука, веќе насетувате, илјадници цветови кои растат и цветаат во еден од ретките пластеници во Македонија – во оваа огромна и величествена цветна рајска градина во која ништо не недостига за да уживате и да си го замислите рајот. Пред очите ќе ви се покажат сите мали убавини на сите мали и големи цветови од македонско сонце преку индиско перце до сите бегонии, азелеи, примули, сардели, палми и орхидеи чудесни бонсаи дрвца чиј изглед и мирис ви го одземаат здивот и истовремено чудесно ви даваат виза за да дишете најопуштено, најбезгрижно – рајски.
Се прашувате: можно ли е овде, токму во Косел, место познато по згаснатиот вулкан и неговиот непријатен мирис, можно ли е на неколку стотини метри пред него да сретнете една олку необично убава и прекрасно уредена цветна градина чии цветови и чија подреденост просто, ве опиваат. Да, ништо не е невозможно иако е чудно и чудесно. Но, за една ваква убавина, потребна е навистина несебична голема љубов и посветеност кон нежноста која ја симболиираат цвеќињата. Со таква љубов и со таква посветеност работи и сопственикот на оваа градина, на овој редок пластеник во кој во идеални услови „се раѓаат” и цветаат илјадниците цветови кои соодветно на климата и времето ќе најдат секој свое место во многу дворови, тераси и во многу куќи во Охрид, Струга и околината кои сакаат да замирисаат рајски…
А, како изникна оваа градина, овој расадник наречен „Гарденија“, се обидовме да дознаеме преку разговор со домаќинот и сопственик, господинот Џулијано Наумоски:
• Од каде мотивот да се посветите токму на цвеќето и од каде ваква идеја за оваа чудесна цветна градина овде во вашиот двор?!
– Со хортикултура работиме 15 години, а традицијата со одгледување на цвеќиња ни е постара. Дедо ми има работено во Градинар, а ни ги наследивме некои негови вештини и веќе тоа прерасна во мал семеен бизнис, семејна работа. Пред четири-пет години кога сакавме да се прошириме во овој бизнис, решивме да воведеме современо одгледување на цвеќињата и по поголемо пребарување на интернет, повеќе стручни и компетентни лица ни го предложија овој модел на пластеник.
• Кои се предностите на овој редок пластеник и од каде „го позајмивте“ oвој изум?
– Предностите се големи затоа што се работи за идеален пластеник и ентериер со максимална искористеност. Значи овој голем простор со површина од 600 квадратни метри е без столбови и секој сантиметар е во полза на цвеќето. Она што е најважно е сосема отпорен на надворешните временски влијанија. Работиме со т.н. Балон систем кој дува топол воздух и тоа со онаа температура која ние ќе му ја штелуваме. Значи, нема влијание од надвор ниту зиме ниту лете.
Како влијаат надворешните временски услови и како вие се заштитувате за се’ да биде убаво и расцветано, а ни малку оштетено?
– Работиме со т.н. Балон систем кој дува топол воздух и тоа со онаа температура која ние ќе му ја штелуваме. Значи, нема влијание од надвор, ниту зиме ниту лете. Зиме користиме двојна топлотна подлога , а лете однадвор користиме масивна мрежа која ја намалува темтпературата за намалку 5 степени.
• Имате двојна подна заштита и нахранување. Што значи тоа? Како тоа се хранат и се топлат саксиските цвеќа?
– Тоа значи дека саксиите со ситно издупчени дна се поставуваат врз специјална топлотна облога и сами се хранат од земјата, а секако не губејќи ни трошка од убавината и од растењето.
Впрочем, овој балон систем е адаптиран и најпогоден е за климатските услови кои ги има Охрид и токму затоа и ние се одлучивме за оваа современа технологија која е штедлива и добитна.
• Најверојатно, потребни се подетални и тековни знаења во врска со градинарството и хортикултурата. на кој начин се едуцирате и информирате ?
– Секако, потребни се постојани контакти со луѓето од иста бранша и во таа насока ние се информираме, добиваме известувања и покани и ги следиме новините. Одиме на семинари и на саеми посветени на хортикултурата и на одгледувањето на цвеќето.Оттаму се враќаме со нови пзитивни искуства и истите ги применуваме тука во нашиот пластеник. Во тоа уште ни помага и нашиот стручен соработник, агроном кого го имаме ангажирано во функција на подобар ефект и пласман на нашето цвеќе.
• Каков е пласманот на овие прекрасни цветови? Ви помага ли некој за да продадете директно од градинава?
– За жал, немаме никаква помош, ниту субвенции кои не следуваат за овој семеен бизнис со саксиско цвеќе, иако кај соседите, државата или општината им го обезбедува пласманот на сето квалитетно одгледано цвеќе. Јас се надевам и би сакал барем таа грижа да ја преземе државата, а ние , секако ќе придонесеме уште повеќе.
• Едно висечко неодминливо прашање: колку чини ваквото уредување и негување на една олку чудесна цветна градина? Има ли семејството Наумоски некакви субвенции од државата… од општината?
– Секако дека чини, но ако добро се работи и со еден добар модел и технологија на работа, ова може да биде исплатлив бизнис за едно семејство, или барем доволно за една пристојна егзистенција. Но, во секој случај бара посветеност и работа , што би се рекло 24/7.
• Можеби како долгогодишен работник во хортикултурата и цвеќарството имате нешто и да порачате до надлежните во градот и државата?!
– Да, би сакал да се случуваат проекти од хортикултурата, како што е раззеленувањето на градот или потенцијалниот Ден на розите во градот. Стојам на располагање со моето искуство и со мојата градина со овој мој расадник активно да се вклучам за доброто на нашиот град. Иако многумина од надлежните ме знаат, за жал никој не ме повикал да дадам свој придонес. Без разлика на тоа, како што реков: јас сум тука, Гарденија е секогаш тука во Косел подготвена да пласира и цвеќе и идеи. Очекувам да отпочне соработката! И, бидејќи досега не сме се рекламирале јавно, сакам да заблагодарам на Вашиот медиум WebOhrid, за Вашата посета и за вниманието што го покажавте за овој наш скромен семеен бизнис. Особено што тоа го направивте сега во деновите пред Осми март, кога нашата ангажираност е и повеќе од стопостотна, зашто сами го пласираме и продаваме секој цвет, секоја саксија.
Вака го завршивме кусиот разговор во дворот и градината Гарденија со господинот Џулијано, а тој ни предложи да ја посетиме и подвижната продавница – двете негови тезги во Охрид кај Чинарот, каде неговата сопруга Валентина, инаку професорка по професија, за време на празничните денови и во попладневните часови е задолжена за пласман и продажба на саксиските и други собни цвеќиња.
Нашето љубопитство нè издаде и ние уште еднаш ѕирнавме по сите цветни катчиња на рајската „Гарденија“, вдишувајќи ја неодоливо опојната миризба и откако ги наполниве сите свои дамари со убава глетка и миризба, секако и по слаткото домаќинско кафе на постарата домаќинка, со ветување дека повторно ќе дојдеме, со нескриена љубомора излеговме од рајската цветна градина и тргнавме по патот на реалноста кон Охрид и кон Чинарот.
А таму, по некој час, веќе ги забележавме опојните и пламени сончеви листови на цветот македонско сонце кое заедно со другите примули, бегонии, рози, азелеи, фикуси други чудесни цветови веќе беа „мета“ на бројните купувачи.
Ние веруваме дека со право сме посветиле внимание на една олку убава рајска градина кaко што е коселската „Гарденија“ на семејството на Џулијано и Валентина Наумоски и уште веруваме дека со право и бројните муштерии на нивните цвеќиња ќе бидат уште побројни и поблиски за да можат, како и ние од WebOhrid, да ја посетат рајската градина и да се опуштат вдишувајќи со сета полнота на душата – пролетно рајски.
А Косел и „Гарденија“, ене кај се!
Автор: ДИМ ДОН