Македонија 2:1 Латвија

Најдобрата репрезентација на Македонија ја победи Латвија со 2:1 на пријателскиот натпревар одигран на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.  На деби натпреварот за селекторот Бошко Ѓуровски, македонската селекција издвојува заслужена победа. Ја контролиравме играта и поседот на топка, не му дозволивме на противникот да создаде шанса за погодок и ги искористивме нашите прилики. Првиот гол на натпреварот го постигна Јован Костовски во 23 минута, нашиот напаѓач ја искористи асистенцијата на Иван Тричковски. Во 65 од натпреварот автогол постигна Даниел Георгиевски за израмнување на резултатот, 1:1. Агим Ибраими во 73 минута постигна гол од пенал за победа на Македонија од 2:1. Даниел Георгиевски беше фаулиран во казнетиот простор на гостите.

„Задоволен сум од начинот на кој одигравме, особено од првото полувреме и почетните минути од продолжението. Направивме многу замени, сакавме да им дадеме шанса на играчите на позициите на кои сметаме дека ќе бидат најпродуктвини. Задоволен сум од односот на играчите, се трудеа и дадоа се од себе да издвојуваме победа. Среќен сум заради нив. Правевме и грешки, неколкупати имавме лоши последни додавања, но важна е победата и од срце им честитам. Победата ја издвојувавме со многу труд, да не заборавиме дека и Латвија игра фудбал, потврдија во второто полувреме дека можат да бидат многу незгоден противник“, – изјави селекторот Бошко Ѓуровски.

Нашата репрезентација играше во следниот состав: Пачовски, Георгиевски, Попов, Шиков (Ристевски), Мојсов, Тричковски (Велковси), Демири (Спировски), Степјановиќ (Муарем), Костовски (Ибраими), Ибраими, Хасани (Ивановски).