Пензионерите денеска добија зголемени пензии за 600 денари што според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е исполнување на ветеното.
„Како што им ветивме на пензионерите, денеска ја извршивме исплатата на пензиите. Секој пензионер во Република Македонија доби зголемена пензија за 600 денари и тоа секако е значајно за заштитата на нивниот животен стадард“, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Агенцијата за катастар на недвижности.
Тој нагласи дека просечната пензија е зголемена за 62 проценти во однос на 2006 година и оти за разлика од тогаш кога изнесувала 7.680 денари, сега изнесува 12.450 денари.
„Во Буџетот се предвидени средства во висина од една милијарда и 800 милиони денари за зголемување на пензиите како трансфер во Пензискиот фонд и пензинерите можат да бидат сигурни дека и во преостанатиот дел од годината ќе ги добиваат овие зголемени пензии во првата недела од месецот“, потенцира вицепремиерот Ставрески.
Тој најави дека продолжува владината поддршка за оваа категорија граѓани кои освен зголемување на пензиите меѓу другото имаат и бесплатен јавен превоз, намалени цени на лековите и бесплатен престој во болници за оние со помали пензии.