Канческа Милевска: Со нови проекти до унапредување на музичката култура

Реализација на многу нови проекти преку кои ќе се придонесе за збогатување на музичкиот живот во државата, презентација и поддршка на се што Македонија поседува како уметничка вредност, како и силна меѓународна промоција на голем број активности кои ги реализира Министерството за култура и оние кои преку годишните проекти македонските уметници ги реализираат во странство, беа дел од темите на работната средба на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска со претседателот на Сојузот на композиторите на Македонија, Сони Петровски.

„Со Сојузот на композиторите имаме одлична соработка. Мислам дека со една ваква интерактивна средба можеме да направиме многу на полето на класичната и сериозната музика, и заеднички преку најразлични проекти кои треба да прозлезат како иницијатива од СОКОМ, ние како Министерство можеме да поддржиме и реализираме со цел за унапредување на македонската музичка култура“, истакна Канческа Милевска изразувајќи задоволство што имала можност со голем број истакнати професори, автори да поразговара за досегашната соработка, за активностите на СОКОМ, кое е најстаро и најголемо здружение кое ги обединува македонските композитори.

Министерката упати честитки до СОКОМ за успешното организирање на второто издание на манифестацијата „Виртуози“, која во петокот се одржа во Македонскиот народен театар.

„Манифестацијата втора година по ред се реализира во Македонија, нешто што мислам дека е од особено значење за оддавање благодарност и почит на сите истакнати уметници кои претходната година оставиле значителен белег за македонската култура. Тоа можеше да се види кога се реализираше манифестацијата со голем број награди, значајни настани, млади уметници итн., значи сето она што се направи благодарение на иницијативата на СОКОМ. Манифестацијата ќе продолжи како традиција и ќе има силна поддршка од страна на Министерството“, посочи Канческа Милевска.

Таа рече дека на денешната работна средба со новото раковоство на СОКОМ разговарале околу повеќе активности кои СОКОМ ќе ги реализира наредниот период.

„Стана збор и за интензивните подготовки на манифестациите и концертните активности на СОКОМ, меѓу кои се и Деновите на македонска музика кои ќе се одржат од 3 – 14 април. Од особено значење е што во рамки на 37. издание на Деновите на македонската музика ќе се промовира нов фестивал на електронска музика, предводен од реномираниот македонски композитор Роберт Саздов“, истакна Канческа Милевска.

Таа потенцира дека плодна е и издавачката дејност на СОКОМ и додаде дека се запознала со голем број активности околу издавање носачи на звук, книги, списанија, мултимедијални изданија на македонскиот музички фолклор кои се реализираат од Сојузот на композитори.

„Со поддршка на Министерството годинава македонските уметници, членови на СОКОМ ќе реализираат и неколку концерти на македонската музика и тоа во Србија, Русија и во Холандија. Разговаравме и за стимулативната мерка во делот на класичната музика, а тоа е конкурсот за поддршка на музичкото творештво од областа на класичната музика, кој во јануари го објави Министерството, а во континуитет ќе го реализира со цел да се стимулира создавање 50 композиции годишно од различен вид и за различни изведувачки состави и ансамбли“, рече Канческа Милевска.

Програмата за поттикнување на домашното уметничко творештво од областа на класичната музика ќе трае четири години, започнувајќи од 2014 година до 2017 година и за оваа намена Министерството за култура ќе издвои вкупно 24 милиони денари или по шест милиони денари за секоја година поединечно.

Министерката за култура изрази надеж дека ќе има интерес во оваа насока и нагласи дека голем број од резултатите од конкурсот ќе бидат проследени со Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а преку формирање помали ансамбли кои ќе бидат реализирани од СОКОМ ќе бидат изведувани и помалите формати и варијации.

Стимулирањето на македонската класична музика стратегиски се поддржува и се развива и во текот на изминатите години, и тоа во периодот 2006-2013 година беа создадени 127 дела на македонски композитори, финансирани во СОКОМ – на членови на Сојузот на композитори на Македонија за најразлични камерни формации.

„Разговаравме и за значењето на голем број клучни фактори во делот на поддршката на македонската музика и тоа во делот на образовниот систем, влијанието на медиумите во подигнувањето на свеста и значењето за македонската музика, семејството како клучен фактор“, посочи Канческа Милевска.

На средбата станало збор за подготовките за научната манифестацијата „Струшка музичка есен“ која на тема „Музика и образование“ од 12 до 14 септември ќе се одржи во Струга и единствена таква меѓународна манифестација која секоја година продуцира мошне квалитетни научни изданија од областа на музикологијата.

Композиторката Јана Андреевска рече дека на Деновите на македонска музика кои ќе се одржат од 3 – 14 април македонската публика ќе има можност да проследи над 10 концерти на кои ќе биде претставено најновото македонско музичко творештво, а ќе има и гостување на реномирани уметници и ансамбли од странство.

Одговарајќи на новинарско прашање претседателот на СОКОМ, Сони Петровски рече дека конкурсот кој го објави Министерството има суштинско значење за сите македонски автори, не само поради финансиската поддршка која е дадена и е десет пати поголема од она што го имале претходно на годишно ниво, туку и ќе ги поттикне авторите да создаваат дури три пати повеќе од она што имале обичај да го создаваат во текот на една година.

„ Практично не постои работно место композитор. Композиторите секогаш мора да работат нешто друго за да можат да опстанат и сето тоа што го прават надвор од тие работни обврски е дополнителен напор. Затоа сметаме дека со ова особено ќе има придонес кон македонската музичка култура, кон македонското творештво и ќе се привлечат и нови млади автори кои ќе сакаат да се занимаваат со оваа дејност бидејќи изминатите години имаше еден пад на интересот на младите за оваа дејност“, додаде Петровски.