Комитетот за туризам во Владата на последната седница ги разгледа повеќето тековни проекти што се реализираат во насока на унапредување на туризмот и обезбедување подобра туристичка понуда.
На седницата што се одржа вчера, а со која претседаваше премиерот Никола Груевски, разгледани се акциските планови за развој на туризмот во националните паркови Галичица, Маврово и Пелистер.
Од прес-службата на Владата денеска информираа дека Комитетот за туризам дебатирал за можностите за унапредување на условите за летен и зимски туризам на Галичица, како и за плановите за инвестиции во туристичката инфраструктура во овој дел.
За националниот парк Маврово биле анализирани можностите за поголем број нови локации за туристички сместувачки локалитети и капацитети од класичен и алтернативен тип, како и можностите за инвестиции во хотели и мотели, а станало збор и за подобрување на инфраструктурата и модернизацијата на туристичката понуда во националниот парк Пелистер преку изградба на нови основни и помошни објекти за развој на туризмот.
На состанокот посебно внимание било посветено на автокамповите на крајбрежјето на Охридското езеро при што е презентиран извештај за состојбата на секој автокамп поединечно, за можностите за развој на нови содржини и за специјализирање на одредени кампови за специфичен вид на туризам.
Разговарано е и за повеќе други тековни проекти како што се процесот на развој на ловниот туризам, лобирањето за привлекување странски туристи од нови пазари преку државните субвенции за привлекување туристи, како и за можностите за промоција на Македонија на светските туристички настани.
Сите овие тековни проекти ќе бидат разгледани и на Економскиот совет и на владина седница.