Денеска во селото Елшани беше промовирана под-стратегијата за рурален развој на општина Охрид 2014-2018 кој е прв документ во општинава, изработен во согласност со домашните и меѓународните стратешки документи. Изработувач е Секторот за туризам и локален економски развој во рамки на предвидените средства од буџетот за нормално и тековно работење без дополнителни трошоци.
„Под стратегијата за рурален развој има задача, следејќи ги насоките и европските трендови, аргументирано да го насочи руралниот развој како еден од врвните приоритети за охридскиот микро регион. Истовремено со ставање во функција на севкупните потенцијали на општина Охрид да придонесе кон забрзан развој ,намалување на миграцијата , нови работни места и креирање на иницијативи за одржлив социо – економски развој со зачувување и унапредување на животната средина. Водечка координативна и промотивна улога во руралниот развој и заживување на селските средини има општината и токму од тие причини овој документ е од исклучителна важност за сите нас,“ -истакна секретарот Димитар Спасески во улога на промотор на овој значен документ.
Под стратегијата за рурален развој на општина Охрид за 2014-2018 ги содржи најпотребните и најважни податоци, информации и насоки за законските рамки за развој на руралните подрачја во Република Македонија; Целите на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој; Надлежностите на министерствата; Политиките на Европската Унија за рурален развој; Општите податоци за сите рурални населени места во Општината Охрид; Природните ресурси и капацитети за развој.
„Она што е најбитно за самата стратегија како стратешки документ е дека при нејзината подготовка активно учество зедоа претставници на сите рурални средини и приоритетите кои што се дефинирани во оваа стратегија се исклучиво добиени преку пат на нивна соработка односно учество во работилници. Значи, ова не е план како Локалната самоуправа настојува да го трасира развојот на руралните средини туку во заедничка соработка со месното население најпрво се увидени нивните проблеми и потреби преку методологијата на СВОТ анализа при што се дојде до одредени приоритети кои што се дефинирани по пат на гласање и тие приоритети во наредниов период ќе бидат најударни за реализација на оваа стратегија“, – рече Ѓоко Апостолоски од Секторот за туризам и локален економски развој.
Општина Охрид со 2 милиони и 100 денари финансиски ќе ги поддржува микро проектите на невладините организации и месните заедници со кои тие по пат на јавен повик кој наскоро ќе биде објавен ќе аплицираат до Секторот за туризам и локален економски развој а се однесуваат на заживување на руралните средини.