ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„И покрај упорните укажувања од страна на опозицијата, и покрај константните забелешки од страна на меѓународната заедница и невладиниот сектор, ДПМНЕ упорно продолжува да ги крши законите на нашата држава, односно да ги спроведува селективно. Желбите на високите партиски функционери на ДПМНЕ се поважни од уставот и законите на оваа држава. Најодговорните лица во ДПМНЕ крајно грубо, неетички и непрофесионално се ставаат над законите на нашата држава. Како инаку да се протолкуваат и објаснат одредени партиските случувања и потези во Охрид, организирани од страна на ДПМНЕ?!
Прво, билбордите со ликот на градоначалникот, кои беа поставени во време на изборната кампања за последните локални избори, и по 11 месеци од завршувањето на изборите се уште постојат низ улиците во градов. Законските одредби за политичко рекламирање во нашата држава се јасни и недвосмислени – сите рекламни материјали на политичките партии треба да бидат отстранети најдоцна 1 месец по завршувањето на изборите. Но, ваквите законски одредби очигледно не ги засегаат одговорните од ДПМНЕ – градоначалникот и понатаму „виси“ по билбордите на неколку атрактивни локации во Охрид, и по цели 11 месеци од завршувањето на локалниате избори. Таквото рекламирање, покрај тоа што е незаконско, некој дебело го плаќа, со десетици илјади евра. Доколку никој не го плаќа, тогаш се работи за коруптивни дејства на локалната власт со приватни маркетинг фирми, за што надлежните органи и агенции во државата би требало многу сериозно да поведат сметка и да покренат соодветни постапки.
Второ, најодговорните луѓе од локалната самоуправа и јавните претпријатија наголемо се растрчани по улиците, сокаците, населбите и селата во општината, глумејќи пред јавноста дека остваруваат капитални проекти. Ваквата гимнастика на партиските функционери од ДПМНЕ е провидна – 11 месеци за Охрид ништо конкретно не направија, ни еден проект не реализираа, ништо од ветеното не сработаа, но затоа сега, пред избори, се растрчаа да реновираат објекти, да санираат улици, да ревидираат проекти, да косат трева, да крпат дупки по коловозите, да асфалтираат улички по селата, да поправаат потпорни ѕидови, да расчистуваат мини депонии, да засадуваат зелени површини. Законските одредби од Изборниот законик и овде се јасни и недвосмислени – доколку носител на јавна функција започне изградба на било какви објекти со државни пари, без тие да бидат дел од развојна програма, ќе биде казнет со затвор од шест месеци до една година. Надлежните органи и институции во државава треба да ги испитаат градежните зафати и доследно да го применат овој законски пропис, за да биде спречена секаква злоупотреба и загрозување на регуларноста на изборниот процес од страна на општинските јавни служби и функционери.
Трето, највисоките партиски и општествени функционери на ДПМНЕ во Охрид – градоначалникот, секретарот на општината, претседателот на Совет, советниците, директорите на општинските јавни претпријатија, директорите на државните служби во Охрид и раководителите на сите државни и општински институции, сите од редовите на ДПМНЕ, на сред бел ден, во работно време, присуствуваат на партиски состанок во локален партиски штаб, на сред чаршија. Законот за работни односи и нормите за почитување на работното време за најдоговорните во ДПМНЕ не важат – удирањето на картички е задолжително само за неистомислениците и за нив секојдневно се изрекуваат ригорозни парични казни. За партиските активисти на ДПМНЕ законите не се важни – важи само партиската директива и тие имаат слобода да одат кога сакаат и каде сакаат, надвор од своите работни места, во законски определеното работно време.
Има уште многу примери за непочитување и кршење на законите во Охрид од страна на ДПМНЕ: незаконско и тенденциозно спроведување на стручни испити во општината за да се избркаат од работа неистомислениците и за политичка пресметка со нив; незаконско и произволно доделување на лоши оценки за работата на државните службеници; незаконска прераспределба на работници од државната администрација надвор од нивното место на живеење; селективно поднесување на кривични пријави исклучиво само против партиските неистомисленици за наводни злоупотреби во користењето на уредено градежно земјиште за угостителски објекти; незаконски на луѓето по селата лажно им се ветува дека нема да ги плаќаат јавните давачки, односно сметките за вода, ѓубре, канализација; незаконско доделување на локација за поставување на урбана опрема – лизгалиште – на градскиот плоштад, и сл. Списокот на незаконските активности на контото на локалната власт од ДПМНЕ е долг. Непочитувањето на законите на оваа држава значи непочитување на волјата на народот. А нашиот народ отсекогаш знаел безмислосно да ги казни тие што не ја почитуваат неговата волја, односно тие што не ги спроведуваат народните закони, без оглед на тоа дали и колку тие закони се добри или лоши.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.