Откриена осум члена група која ископувала и препродавала вредни артефакти

Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство продолжува со несмален интензитет да презема мерки за заштита на културно-историското наследство со кое располага Р. Македонија, преку откривање на поединци и групи кои незаконски тргуваат со богатсвото со кое располага земјава. Практично, новата Оперативна обработка „Аполон“ претставува продолжение на дејствијата преземени во рамки на акцијата „Фаланга“.

Вчера (20.03), Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОЈО за гонење на oрганизиран криминал и корупција, започна со реализација на последната фаза од криминалистичкото истржување насочено кон откривање и сузбивање на 8-члена криминална група, од кои едно лице е државјанин на Р.Бугарија, која од почетокот на 2013 година од археолошки локалитети на територијата на Валандовско-Гевгелискиот регион и на други локации на територијата на Р.Македонија вршела нелегални ископувања на предмети со културно-историска и археолошка вредност, нивно присвојување и илегално продавање во Р.Македонија и странство, како и продажба на икони со непроценлива вредност за културното наследство на Р.Македонија.

Од преземените предистражни мерки и активности, како и со примена на посебни истражни мерки обезбедени се докази дека првоосомничениот на почетокот на 2013 година, создал злосторничко здружение, односно криминална група која делувала како функционална целина со структуирана поделба на дејствија за секој припадник со остварување на точно определена цел и улога. Преку илегалните ископувања, притоа оштетувајќи и уништувајќи ги археолошките локалитети, присвојувале предмети кои претставуваат културно наследство на Р.Македонија со намера за нивно продавање на територијата на Република Македонија и нивно илегално изнесување во странство, со што трајно го отуѓувале културното наследство и нанеле штета на Р.Македонија и на нејзиното културно наследство. Покрај археолошки и историски предмети, членовите на криминалната група нуделе на продажба и икони за кои постојат основани сомневања дека потекнуваат од извршените кражби од повеќе цркви на територијата на Р.Македонија.

artefakti2

Неговиот најблизок соработник бил одговорен за посредување при продажба на археолошките предмети, а останатите шест припадници на криминалната група биле задолжени на подрачјето на Валандово и Гевгелија да организираат помали групи од лица кои ги вршеле нелегалните ископувања.

Во текот на вчерашниот ден и вечерта, по претходно издадени наредби од судија за претходна постапка, а со цел пронаоѓање на други предмети и документација поврзана со нелегалните  активности на членовите на криминалната група, извршени се претрес на дом и други простории на 7 локации во Гевгелија и на по една ликација во Струмица и Валандово, при што пронајдени се: 2 икони, 9 различни археолошки фигури, 3 фибули, 6 парчиња-делови од накит, 17 метални парички, 2 керамички садови, 1 скенер со мала и голема сонда со камера, 1 метал детектор, 10 разни метални сонди, 3 тефтери со записи и скици од археолошки локации, 34 листови со записи и скици од археолошки локации, 11 разни мапи, 12 фотографии од артефакти, 3 цедиња со артефакти, 2 компјутери, 4 лаптоп компјутери, 17 мобилни телефони, 17 СИМ картички, 7 држачи за СИМ, 5 УСБ и мемориски картички, 3 хард дискови, 7 имотни листови, 21 уплатница, 1 пиштол, 2 револвера, 1 пушка, 1 рамка за пиштол, 1 оптички нишан, 722 боеви куршуми со различен калибар, 94 парчиња ловна муниција-патрони, парцирнопробојни куршуми: 1 со калибар 12,7 мм и 10 со кал.7,62, 25 зрна од куршуми, 27 вежбовни патрони, 2 ПМВ, 1 моторцикл, 1 фотоапарат и 4 банковни картички.

Од страна на ОСОСК – ССК  до ОЈО за гонење на oрганизиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против осум лица на возраст од 46 до 63 години, од кои едно е бугарски државјанин поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“, „Тешка Кражба“, „Оштетување или уништување културно наследство“, „Отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост“, „Прикривање“ и „Помагање“ по чл. 24, сите предвидени и казниви по КЗ на РМ.

Предметите пронајдени при претресите, ќе бидат предадени за понатамошно вештачење и стручна идентификација, а од страна на надлежните организациони единици на МВР во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се продолжи со понатамошно превземање мерки и активности.