Скратување на постапката за пријавување на изгубени или украдени лични документи

Oд почетокот на идниот месец како што истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по средбата со директорот на Службен весник на РМ, Тони Трајанов, во сите градови во земјава граѓаните ќе можат во рамки на едношалтерски систем изгубените документи да ги пријават само во управните служби на МВР, по што во соодветна постапка ќе можат да добијат нови документи.

Според Јанкулоска ова е дел од заедничкиот проект на МВР и Службен весник на Република Македонија, кој ќе ги поедностави процедурите за објавување на неважечките документи – лична карта, пасош, возачка дозвола и сообраќајна возачка дозвола.

Министерката Јанкулоска истакна дека целта е да се упрости постапката за граѓаните кои од кои било потреби треба да објават документ за неважечки и да извададат нов документ, а тоа е особено важно за граѓаните од внатрешноста каде што Службен весник нема подрачни единици или канцеларии.

По средбата одржана во Управните служби на МВР, министерката Јанкулоска исто така посочи дека, според статистиката граѓаните најчесто ги губат личните карти, потоа возачките дозволи, патните исправи, сообраќајните дозволи. “Бројот на вкупно изгубените документи од сите типови во текот на една година се движи околу 30 илјади“, изјави Јанкулоска.

Според Трајанов, со овој проект граѓанинот ќе може во еден ден да изврши објава на неважечкиот документ и започнување постапка за издавање нов документ.