ККР Гази Бабa до надлежното ОЈО Скопје со кривична пријава ги предаде лицата Б.А. (35) и П.А. (33), двајцата од село Катланово – скопско, поради основано сомнение дека извршиле девет кривични дела од областа на имотните деликти и тоа осум тешки кражби од викенд куќи и една тешка кражба од ПМВ за што од страна на Судија во претходна постапка им е одредена мерка притвор во траење од осум дена.
Пријавените, наведените кривични дела ги извршиле во временскиот период од средината на октомври минатата година до почетокот на март годинава на подрачје на Гази Баба, во атарот на село Катланово и тоа осум на место викано “Стари Лозја“ и една на место викано “Фазанерија“. Притоа, тешките кражби од викендици ги извршувале на различни начини влегувајќи преку насилно отварање на влезна врата со употреба на подесен алат (хебла), преку прозор од подрум со употреба на физичка сила и преку влезна врата каде претходно насилно, со употреба на подесен алат (хебла) делувале на катанец. Додека пак тешката кражба од ПМВ ја извршиле на тој начин што со употреба на подесен алат го демонтирале тркалото од возилото, потоа ја отвориле предната хауба и го одзеле резервното тркало.
Според документираните сознанија од истрагата од викенд куќите одземале разни предмети (електрична рачна пила, плинска скара, телевизор, монтиран јавувач за кражба, гусан камин, мотокултиватор, бакарна пумпа за прскање лозје, електричен кабел, разен алат, бакарен капак од казан за варење ракија, потопна пумпа за вода, машина за перење алишта, машина за миење садови и друго) со што се здобиле со противправна имотна корист од околу 216.000 ден. Пријавените дел од украдените предмети ги продале на НН лица, а дел ги користеле за лични потреби. Истите, со потврда за привремено одземени предмети се пронајдени, одземени и вратени на оштетените.
Инаку пријавениот Б.А. е регистриран како сторител на кривично дело од областа на имотните деликти – кражба на велосипед и истиот минува во казнената евиденција.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани кои во споменатиот период се жртви на кражби, детално да го погледнат видеото и доколку некој од покажаните предмети го препознаат или се сомневаат дека е нивна сопственост да се обратат во СВР Скопје.