СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ повторно ги прекрши законските одредби и повторно не ги почитуваше законите на оваа наша држава

Синоќа од полноќ и официјално започна изборната кампања за претседателските избори, па по тој повод ОО на СДСМ Охрид преку соопштение на сите наши сограѓани им посакува да бидат сведоци на една издржана, одмерена, културна и фер изборна кампања од страна на политичките партии.

„ВМРО-ДПМНЕ, по обичај, повторно ги прекрши законските одредби и повторно не ги почитуваше законите на оваа наша држава. Неколку часа пред почетокот на кампањата, на неколку билборди низ Охрид осамнаа рекламите за нивниот кандидат, што претставува грубо кршење на Изборниот законик. Тоа веќе воопшто никого не може да го изненади, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и не знае поинаку да владее и да се однесува, освен со сила, закани и притисоци. На потез сега се надлежните органи, затоа што секоја правна демократска држава е должна најстрого да ги санкционира изборните нерегуларности и повредите на изборниот процес.“- се вели во соопштението.

Понатаму во соопштението, пишува, во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за депонијата на локалитетот Мауцкер, по кој знае кој пат ВМРО- ДПМНЕ безуспешно се обидувало сопствените грешки, слабости и пропусти да и‘ ги препише на опозицијата.

„Дивата депонија во Мауцкер е резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Награѓаните од Охрид многу добро им е познато дека со локалитетот Мауцкер стопанисуваше државната власт, односно ВМРО-ДПМНЕ, а нелокалната власт на СДСМ. Ако тоа не беше така, како би било инаку можно државно министерство официјално да и‘ го предаде Мауцкер во сопственост на локалната самоуправа, што и се случи неодамна, на што сите бевме сведоци. Тоа значи дека господата од ВМРО- ДПМНЕ прашањето зошто Мауцкер прерасна во дива депонија треба да им го постават на своите министри за транспорт и врски, и одбрана, а не вината за сопствениот јавашлук да ја префрлаат на СДСМ. Откако на Охрид му беше формално дадено правото на сопственост врз Мауцкер – а тоа беше во последната година од владеењето на СДСМ во Охрид – локалната власт на СДСМ во содејство со ЈП „Охридски Комуналец“ вложи огромни напори да се стопира дивото депонирање на отпад на Мауцкер. Беше воведенаредовна чуварска служба и беше преземено постепено расчистување на отпадот, што беше тука таложен и расфрлан со години. Значи, тврдењето на ВМРО- ДПМНЕ за Мауцкер е само уште една во редот на предизборните невистини и манипулации со јавноста. Згора на тоа, во последните 11 месеци, под изговор дека се работи за „привремен претовар“, од страна на „Охридски комуналец“ во Мауцкер почна да се одложува и складира и обичен отпад, односно смет, што законски е недозволено. Опозицијата во советот за тоа реагираше неколку пати во текот на летото, но градската власт на ВМРО-ДПМНЕ остана глува на оправданите забелешки за еколошката катастрофа што се случуваше на Мауцкер. Како што е ред во секоја нормална демократска држава, опозицијата праша и очекуваше одговор на прашањето за каква тоа индустриска зона, гласно најавувана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, сега се работи на Мауцкер, но одговор не добивме. Заклучокот е повеќе од јасен – индустриската зона во Мауцкер на ВМРО- ДПМНЕ е само уште едно празно предизборно ветување и партиски театар за јавноста. И ништо повеќе од тоа.“ стои во соопштението.