Агенцијата за млади и спорт со активности во рамки на Кампањата против говорот на омраза

Согласно програмските цели на Агенцијата за млади и спорт кои се однесуваат на младата популација како движечка сила и промотор нa новите вредности во општеството и државата, Агенцијата за млади и спорт во наредниот период ќе реализира заеднички активности со Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, во рамки на Кампањата против говорот на омраза. 

За таа цел, Агенцијата за млади и спорт и Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на Европската недела против расна дискриминција, како дел од Европското движење против говор на омраза, каде преку Агенцијата за млади и спорт е вклучена и Република Македонија.

Со идната реализација на заедничките активности, двете страни ќе спроведат заеднички активности за едукација и подигнување на свеста кај младите луѓе за последиците од говорот на омраза. Планираните активности ќе бидат имплементирани во соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт, Мисијата на ОБСЕ, но и повеќе институции и организации.

Кампањата против говор на омраза започна во март 2013 година, а предвидено е истата да трае до декември 2014 година. Во неа, освен Агенцијата за млади и спорт, како национален координатор во Националниот комитет против говор на омраза вклучени се и повеќе институции и организации кои работат на прашања поврзани со унапредувањето на човековите права, недискриминацијата и спречувањето на говорот на омраза.

Кампањата е проект кој се спроведува во повеќе европски земји, а истата е дел од Европското движење против говор на омраза, чиј иницијатор е Советот на Европа.