Средба помеѓу директорот на Агенцијата за млади и спорт и претседателот на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на РМ

Денес во Агенцијата за млади и спорт се одржа средба помеѓу директорот Марјан Спасески и претседателот на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија Бранимир Јовановски.

Претседателот на Федерацијата Бранимир Јовановски го информираше Директорот Спасески дека состојбите во оваа сфера изминатите години благодарение на Агенцијата за млади и спорт се значително подобрени,спортистите со инвалидитет имаат пристап до спортските објекти и достапност до спортските реквизити. Јовановски додаде дека оваа федерација како членка на Меѓународниот параолимписки комитет и на Асоцијацијата на европските параолимписки комитети има постигнато многу успеси, од кои последниот успех на Оливера Наковска Бикова каде се закити со златен медал на последните Параолимписки игри што се одржаа во Лондон. Исто така, Јовановски информираше и за за следниот настап на Оливера Наковска Бикова на Светското првенство во Сул, Германија (16.07-26.07.2014) каде Наковска Бикова ќе брка норма за учество на Параолимписките игри во Рио 2016 година.

Директорот Спасески истакна дека Агенцијата за млади и спорт во донесената Програма за развој на спортот во Република Македонија за периодот од 2013-2017 година, еден од главните приоритети е и поддршката на спортисти со инвалидност заради нивно учество во рамки на меѓународниот систем на натпревари за овие категории на спортисти и поддршка на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија.

На крај во својот говор, Спасески додаде дека Агенцијата за млади и спорт со уште позасилено темпо ќе продолжи со своите активности во градењето концепт во подобрувањето на состојбата поврзана со пристапноста до спортските објекти, достапноста до специфичните спортски реквизити, активностите и мерките заради подигање на мотивот и заинтересираноста на лицата од овие социјални категории за занимавање со спорт.