Прогласена епидемија на морбили во Скопје

Центарот за јавно здравје денеска прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) на територија на град Скопје. Епидемијата има тенденција на зголемување. Половина од заразените се деца до четири години, а останатите на возраст меѓу 20 и 40 години.

Од 6 јануари досега лабораториски се потврдени 25 случаи со морбили. Веќе има најава за нови три до четири случаи во текот на денов.

Лилјана Лазаревска, раководител на Одделението за епидемиологија при Институтот за јавно здравје-Скопје, денеска изјави дека последните осум случаи се епидемиолошки поврзани, што значи дека заболувањето, како што рече, почнало да се шири преку блиски контакти и тоа главно во семејствата, така што се создале услови за прогласување епидемија.

Извор: Радио Слободна Европа