СДСМ: Еден од основните услови за да се добие кредит од Светска банка е општината да нема финансиски долгови

ОО на СДСМ Охрид испрaти соопштение, во кое стои:

„Во ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се видно возбудени поради вистината за проектите и кредитот од Светска банка за време на поранешната општинска власт на СДСМ во Охрид. Сега господата од ВМРО- ДПМНЕ бараат докази за тоа, а доказите се наоѓаат кај нив, кај сегашната општинска власт, во архивата во која пристап имаат само тие. Но еве, ние ќе ги потсетиме, за да можат полесно да ги избараат и да ги пронајдат низ фиоките и шкафчињата на новопоставените „стручни“ раководни лица. Длабоко им сме благодарни на „експертите“ од ВМРО- ДПМНЕ за лекцијата околу процедурите за одобрување на кредит од Светска банка, зошто токму тука се крие вистината за тенденциозниот игнорантски однос на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кон потребите на Охрид и охриѓани во изминатиот период. Значи, како што и самите појаснија, за да се аплицира со конкретен развоен проект за доделување средства (кредити) од Светска банка, потребно е проектот идејно да се осмисли, да се евалуира и утврди потребата од негова реализација, да се изработи студија за развојни можности на проектот и да се добие согласност од Министерството за финансии. Значи, сите фази за неколку проекти во споменатиот период беа реализирани, единствено Министерството за финансии упорно одбиваше да ја даде потребната согласност.

Еден од основните услови за да се добие кредит од Светска банка е општината да нема финансиски долгови. За да се надмине овој проблем и за да може општината да добие кредитни средства од Светска банка, поранешниот градоначалник на Охрид до Министерството за финансии има испратено најмалку 10 писмени барања за одобрување на комерцијален кредит, за да се покријат долговите на општината. На тој начин ќе се овозможеше исплата на ануитети под многу поповолни услови, непречено функционирање на општината со одблокирана сметка, како и можност за користење за кредитни средства од Светска банка. Таквото барање на 4 пати беше едногласно подржано и усвоено во форма на одлуки од страна на сите советници – и од позицијата, и од опозицијата, но никогаш не беше прифатено и реализирано од страна на Министерството за финансии. Но затоа сега, по промената на власта на локално ниво и непосредно пред избори, Министерството за финансии ќе го направи тоа што требаше да биде направено уште пред 3-4 години – ќе даде согласност, односно ќе овоможи доделување на кредитни средства од Светска банка. Опозицијата целосно го поздравува таквиот потег, затоа што е во интерес на граѓаните на Охрид, но останува горчливиот вкус во устата поради фактот што тоа можеше да биде одобрено и реализирано уште пред неколку години, доколку централната власт на ВМРО- ДПМНЕ покажеше сенс за потребите на локалната власт и охриѓани.

Ако постои барем трошка искреност и чувство за транспарентност и вистинољубие, како што тврдат во нивните соопштенија, тогаш надлежните лица од локалната самоуправа на ВМРО- ДПМНЕ лесно ќе ги пронајдат во општинската архива и ќе ги обелоденат сите писмени барања испратени од градоначалникот Петрески до министерот Ставрески во врска со наведениот проблем, како и проектната документација за следните конкретни изработени проекти: Водоснабдителен систем од Плаќенски извори во вредност од над 5 милиони евра, со кој за наредните 50 години ќе се решеше прашањето со водоснабдување на Охрид, како и на селата Вапила, Ливоишта, Плаќе, Косел, Лакочереј, Орман и други села; Проектот за изградба на две хидроцентрали на Коселска Река за производство и снабдување на електрична енергија за потребите на граѓаните во општината; Три проекти за рехабилитација на локални патишта беа поднесени и одобрени од Светска банка и целосно реализирани – за селата Орман, Лескоец и Велгошти, а беа подготвени уште три (за Велестово, Елшани и Лакочереј) кои останаа нереализирани; Проектот за изградба на канализационен систем и пречистителната станица во с. Трпејца; Проектот за промоција на културното наследство и туризмот во Охрид во соработка со Венеција; итн… Јасно е дека нападот е најдобра одбрана, но не и во случаи кога фактите и аргументите се на страната на тој што е нападнат. А пред фактите, и боговите молчат. Вистината е како шило и еден ден ќе излезе на виделина, колку и да се обидува ВМРО-ДПМНЕ во Охрид да ја скрие со еднолични, тафталошки и провидни соопштенија.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.