Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид ќе ги адаптира своите неискористени простории. Со еден милион денари доделени од страна на Министерството за култура на Република Македонија, оваа национална установа ќе адаптира две сали, од кои едната поголема.
Новите простории како што вели директорката Драгана Боцеска, ќе бидат искористени за читачките проби на Охридскиот народне театар, но и за други намени.
„Се работи за помошни простории кои ќе ги користат актерите за читачките проби, но во нив ќе можат да се одвиваат и други настани, како на пример промоции. Се разбира, тие ќе бидат и полесно затоплувани“, вели Боцеска.
Засега како идеја се разгледува и изградба на нов театар или надградба на уште еден кат во охридскиот Центар за култура.
„Ние баравме од Министерството за култура, а и во постојана комуникација со градоначалникот сме. Засега имаме позитивни повратни реакции и идејата се разгледува, но се уште немам информација кога овој проект ќе влезе во програмата на Владата. Се разгледуваат и проширувањето и надградбата на објектот каде што е сместен Центарот или за изградба на нов театарски објект“, појаснува Боцеска.
Инаку, Охридскиот народен театар од минатата година не одржува театарски претстави со образложение дека актерската екипа нема соодветни услови за подготвување на претставите.
Извор: Супер радио