Женската репрезентација поразена со 2:5 од Бугарија

Женската репрезентација на Македонија загуби со 5:2 од Бугарија на вториот пријателски натпревар одигран на стадионот во Чаир. Македонија водеше со 2:0, но во само две минути, последни од првото полувреме Бугарија го израмни резултатот на 2:2. Андреева во 28.минута и Кривањева во 39.минута ги дадоа головите за нашата репрезентација. Во второто полувреме бугарските фудбалерки целосно ја контролираа играта, искористувајќи го неискуството на нашата селекција која настапи во најмлад состав досега, без стандардните Рочи, сестрите Андонови, Милка Арсова, Браими, Марина Арсова, Гиновска, Петрова. Во второто полувреме Бугарија постигна три гола за убедлива победа од 5:2. Селекторите им дадоа шанса на сите фудбалерки кои беа во состав, Димовски и Картселски направија по девет замени. Македонија играше во почетен состав: Чакмаковска, Скерлевска, Иванова, Милеска, Спироска, Костова, Маркоска, Димкоска, Ѓорѓиева, Андреева и Кривањева.

„Одлично го отворивме натпреварот, постигнавме два гола и додека имавме сила и концентрација ја контролиравме играта и резултатот. Во продолжението поради повреда ги загубивме Милевска и Андреева, целиот товар падна врз одбраната и едноставно немавме сила со многу млади фудбалерки, без доволно искуство да избориме позитивен резултат. При водство на Бугарија од 3:2 не искористивме две шанси, противникот казни и немавме шанса да се вратиме во натпреварот“, истакна селекторот на нашата репрезентација Добре Димовски.

Следните натпревари А репрезентацијата на Македонија ги игра на 19.09.2013 година против Романија, на 20.11.2013 година против Чешка и на 24.11.2013 година против Ерменија.