Слободни места за идни средношколци има 35.195 во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2014/2015, кој денеска го објави Министерството за образование и наука. Новина се 13 реформирани струки за тригодишно средно образвование кои МОН ги креираше со поддршка на ЕУ.
„Покрај воведувањето 13 нови профили во различни средни стручни училишта на територијата на Република Македонија, отворени се комплетно нови паралелки за новоформираното средно медицинско училиште во Гостивар и во Охрид, каде што гимназијата се дели на две посебни училишта во кои ќе има стручно и гимназиско образование. Исто така, проширени се квотите во дел од стручните, особено во дел од медицинските и во останатите стручни. Последната новина е тоа што во огласот оваа година се објавени и седумте дисперзирани одделенија на спортската гимназија и нивната активност ќе се спроведува во различни градови на државата“, изјави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Тој нагласи дека слободните места во објавениот Конкурс се усогласени со потребите на пазарот на труд и дека затоа главно биле фокусирани на средните стручни училишта.
„Секоја година е голем интересот за гимназиското образование, но повторно најдоминантни се квотите и учеството за упис во средните стручни училишта. И оваа година апелирам потенцијалните средношколци да се запишуваат во стручните училишта затоа што дефицит постои секогаш од стручен кадар, а истовремено има и поголема сигурност за обебзедување работни места“, рече Ристовски.
Во Конкурсот се објавени условите за запишување на учениците, потребните документи за упис и критериумите за избор. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе биде во два уписни рока – јунски и августовски, со две пријавувања во јуни и едно во август.
Првото пријавување и запишување ученици во јунскиот рок е на 23 и 24 јуни 2014, а резултатите ќе бидат објавени на 25 јуни. Второто пријавување во јуни ќе биде на 30 јуни и 1 јули, а пријавувањето и запишувањето во августовскиот рок ќе се врши на 21 август.