Партијата која што осум години не успеа да направи никаков јавен објект вклучувајќи и затворен пазар кој ќе служи за интересот и потребите на граѓаните на Охрид, денес критикува факт дека Локалната предводена од ВМРО ДПМНЕ отпочна процедура за градење на затворен пазар што е дел од програмата и процес кон исполнување на ветување за кое што гласаа граѓаните, рече на денешната прес конференција советничката од ВМРО ДПМНЕ Јованка Дамоска Секулоска.
„Да се критикува отпочнување на процес за градба на затворен пазар повеќе доликува на пофалба за активностите и заложбите на Локалната самоуправа. Моделот кој е предложен во самата физибилити студија во овој момент е најприфатлив со оглед на оставената економска состојба на ЈП Градски пазар од страна на СДСМ. Во овој момент овој е најисплатлив и најбрз начин како конечно да се реши потребата на граѓаните. Деталите околу тоа како точно ќе бидат дефинирани условите и начините за изградба на затворен пазар ќе бидат одредени во рамки на тендерската документација“’- рече Дамоска Секулоска.
Секулоска потенцира дека ваквиот начин на осовремување на градскиот пазар ќе предизвикал долгорочни позитивни ефекти на самото јавно претпријатие.
„Но не ни е јасно како една Одлука на совет која претходно беше изгласана и од советничката група на СДСМ преку ноќ беспредметно се критикува. Тоа зборува за нивниот непринципиелен начин на функционирање. ВМРО ДПМНЕ секогаш работи за интересите на граѓаните и токму еден ваков капитален објект произлегува од вистинските потреби на Охриѓани, за добивање на еден современ и модерен градски пазар. Како заклучок можеме да констатираме дека Добро е што СДСМ низ наводни критики всушност ги промовира капиталните проекти на ВМРО ДПМНЕ.“- додаде Дамоска Секулоска.
WebOhrid