Досегашниот тек на предизборните активности во фер и демократска атмосфера

Досегашниот тек на предизборните активности се одвива во мирна, фер и демократска атмосфера и не се евидентирани никакви инциденти или нарушување на јавниот ред и мир. Со оглед дека од утре почнува и кампањата за предвремените парламентарни избори МВР ќе ги динамизира своите активности во насока на обезбедување на непречено и мирно одвивање на избирачките процеси при што ќе бидат ангажирани околу 7.000 полициски службеници кои минатиот месец мина интензивна обука посветена на изборниот процес.

Ова меѓу другото беше констатирано на денешниот состанок на Оперативниот штаб на МВР формиран за потребите на изборите на коишто присуствуваше и министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска којашто беше детално информирана од страна на членовите на Оперативниот штаб за досега превземените активности како и за ангажманите што допрва претстојат.

На состанокот беа презентирани податоци според кои од 25 минатиот месец па се до први април во рамки на предизборната претседателска кампања биле одржани 67 предизборни митинзи, 33 средби со граѓани, седум собири на граѓани и три трибини, на кои присуствувале околу 115.000 грашани а притоа за обезбедување на овие јавни настани биле ангажирани околу 800 полициски службеници. За време на одржување на предизборните митинзи и средби со граѓаните не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир.