Разоткриена организирана група криумчари на цигари

Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, продолжи со активностите за целосно расчистување и документирање на криминалoт на организираната група криумчари, која беше разоткриена на почетокот на месецов, поточно на први април, во обид нелегално да пренесат поголема количина цигари од Р.Македонија во Р. Бугарија.

Во рамки на продолжението на акцијата откриени се местата, односно гаражите каде што биле полнети возилата со цигари. На тие места биле вршени и модификациите на возилата за да бидат сокриени цигарите, а при преземените дополнителни дејствија утврден е и начинот на работење како и хиерархиската структура на оваа група. Освен овие факти важни за натамошната постапка, откриени се и одземени и дополнителни количества цигари подготвени за криумчарење во соседна Бугарија. Од извршените претреси во спорните објекти беа пронајдени уште вкупно 790 кутии цигари (730 од марката „Мерилин“ и 40 кутии од марката „ЛД“),  две патнички и две теренски возила, 14 патрони за ловна пушка, како и телефонски апарати, сим картички и тефтер за евиденција за должничко-доверителски односи на физички лица. 

Од преземените мерки, утврдено е дека групата започнала со криминални активности во 2012 година, а нејзини организатори се три лица од кои едно од Крива Паланка, едно од село Драмче и едно од село Копаница. Тие со цел стекнување со противправна имотна корист ја организирале криминалната група за криумчарење акцизна стока-цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија, односно нелегално пренесување на истите преку граничната линија користејќи ги легалните премини и т.н „диви премини“ на зелената линија кон државната граница со Р.Бугарија, вклучувајќи ги во групата и другите четири лица во различните фази на нивното криминално делување. 

Сите тие делувајќи организирано со посебни задолженија во посочениот двегодишен временски период организирале повеќе транспорти, односно криумчарење на акцизна стока–цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија. Тоа го правеле на тој начин што по претходен меѓусебен договор и договор со засега непознати бугарски државјани, најпрво на посебни локации полнеле возила со бугарски национални ознаки со цигари (со и без акцизни маркици). Притоа речиси секогаш користејќи по две возила, (од кои едното задолжено за обезедување на возилото со кое се пренесувале цигарите), а потоа ги транспортирале во Р.Бугарија.

Од досега превземените мерки и активности утврдено е дека членовите на оваа криминална група за периодот од 2012 до 2014 година организирале пет транспорти на акцизна стока цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија, односно прокриумчариле вкупно 34.450 кутии цигари од марките „Трокадеро“, „Јорк“ и „Мерилин Слим“, при што се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 5.300.000 денари.

Првиот транспорт го извеле на 16.04.2012 година кога двајца од организаторите на групата набавиле 3.500 кутии цигари од марката „Мерилин Слим“ и „Трокадеро“, коишто со ПМВ „БМВ“ со бугарски ознаки се обиделе да ги прокриумчари во Р.Бугарија, но биле запрени од бугарската полиција и против едно лице организатор по кое што се уште се трага била поднесена кривична пријава во Р.Бугарија. 

На 07.02.2014 година бугарската полиција запленила вкупно 9.500 кутии цигари кои членовите на оваа криминална група користејќи ПМВ „Лада“ и ПМВ „Опел Омега“, со бугарски ознаки успеале да ги прокриумчарат во Р.Бугарија преку зелената линија на македонско бугарската граница. Од страна на бугарската полиција биле забележани во атарот на с.Брестово, Р.Бугарија, но во обидот да бидат запрени, истите успеале да побегнат од лице место. По извршени проверки за ПМВ „Лада“ утврдено е дека истото го управувал токму веќе пријавуваното лице во Р. Бугарија.

На 21 и 28.03. годинава со возило марка „Пежо 306“ караван со бугарски регистарски таблички во Р.Бугарија успеале да прокриумчарат вкупно 1.280 кутии цигари од марката „Мерилин Слим“ кои во близина на Ќустендил, Р.Бугарија ги предале на лице бугарски државјанин.

Сепак на први овој месец при обид на членовите на групата да пренесат акцизна стока-цигари во Р.Бугарија со ПМВ „Форд Експлорер“ со бугарски ознаки, во близина на с.Панчарево, Делчево, присилно се сопрени од страна на наши полициски службеници при што во возилото се пронајдени вкупно 19.480 кутии цигари од марките „Јорк“ и „Мерилин Слим“. Лицата во моментот на сопирањето се дале во бегство, но по преземени полициски мерки, истите се пронајдени и лишени од слобода.

Инаку, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по извршената заплена на акцизна стока-цигари на први овој месец на вкупно 19.480-те кутии цигари, под раководство на ЈО од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и по дополнително обезбедени криминалистичко-разузнавачки информации и Наредби за претрес од надлежен Судија за претходна постапка, изврши вкупно 15 претреси во дом и други простории на подрачјето на Крива Паланка и Делчево.

Досега до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против седум лица на возраст од 22 до 30 години, од кои петмина од Крива Паланка а по еден од село Драмче, делчевско и село Копаница, кривопаланечко. Тие се сомничат за кривичните дела – “злосторничко здружување“ и “криумчарење“. 

Судија за претходна постапка на петмина од пријавените им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена.