Георгиевски во Охрид: Време е да се пресече јазолот за името

ВМРО-НП денеска во Охрид одржа конвенција на која беа претставени носителите на листите на партијата во шесте изборни единици и 120-те кандидати за пратеници.

Партискиот лидер Љубчо Георгиевски пред присутните на конвенцијата нагласи дека само преку демократијата можат да се решат економските, мултиетничките или надворешно-политичките проблеми.

Тој побара од граѓаните да им ја дадат довербата која, како што рече, партијата за време на своето вледеење во периодот од 1998 до 2002 година на граѓаните им овозможила највисок животен стандард и најдобра бизнис-клима.

За прашањето за името, Георгиевски рече дека секој одговорен политичар мора да е свесен оти само македонскиот човек може да го реши проблемот, а не, како што рече, да се чека тоа да го стори некој однадвор.

„Навистина треба одговорно да излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека сега е време да го пресечеме јазолот…Треба да се соочиме со реалноста, да извлечеме поуки од историските неправди. Време е да се смени стратегијата, време е Македонија да влезе во друштвото на богатите, моќните. Најголем патриот денеска е оној кој ќе ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО, оној кој ќе го врати демократското живеење во земјата, кој ќе обезбеди социјална и економска благосостојба за своите граѓани,“ истакна Георгиевски.

Тој додаде дека членството во ЕУ ќе биде и остварување на долгогодишниот сон на Македонците за обединета Македонија, да живеат сите во една држава, во обединета Европа.

Носител на листата на партијата првата изборна единица е Слободан Близнаковски, Љупчо Балтоски во втората, Ристо Пецов во четвртата, Ванчо Костовски во петтата, Горан Лотевски во шестата и лидерот на партијата Љубчо Георгивски, во третата изборна единица.

Извoр: Новини.мк