Италијанската компанија, лидер во индустријата за дигитално печатење, Диатек одлучи Македонија да биде нивната следна дестинација за инвестирање. Со инвестицијата која е со вредност од над 10 милиони евра и во рамки на технолошко-индустриската зона Скопје 1, ќе се вработат околу 200 лица.
Ова денеска го изјави директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, кој прецизира дека договорите со компанијата ќе се потпишат по завршувањето на изборите.
„Компанијата, освен што ќе креира 200 директни вработувања во Македонија, ќе креира и голем број индиректни вработувања бидејќи планира овој производствен погон да биде за пазарите на Југоисточна Европа, Медитеранот, Блискиот Исток и Северна Африка“, – рече Мизо.
Новиот погон во Македонија, потенцира, ќе значи проширување на нивниот бизнис и поголема конкурентност за пазарите во регионот. Сметаат дека Турција е многу важен пазар каде може да се прошируваат.
„Со ова добиваме уште една многу важна компанија, технолошки напредна, во зоната во Скопје“, – рече Мизо и изрази надеж дека и други компании од Северна Италија ќе ја согледаат Македонија како позитивна бизнис дестинација.
Тој потсети дека со компанијата контактирале од втората половина на минатата година.
„За време на роуд-шоуто што го имавме со вицепремиерот Пешевски на почетокот на декември минатата година се сретнавме со компанијата во Милано и со економскиот промотор во Италија Иван Илиев ја посетивме компанијата и нивните производствени погони кои се во Клес, Северна Италија,“ – рече Мизо. Додаде дека на почетокот на годинава двапати заедно со промоторот се среќавале со претставници на компанијата.
Компанијата, како што рече, дојде во Македонија, ги согледа можностите и донесе одлука да инвестира.
Според Мизо, ако сите договори бидат потпишани во јуни или јули, во втората половина на годината ќе се почне со градба на соодветните објекти. Се очекува на почетокот на идната година компанијата да биде функционална и да се почне со работа.
Оваа компанија освен во Италија има производствени капацитети во Швајцарија, Франција, Германија и САД, со годишен обрт од околу 200 милиони евра и вработува 800 луѓе во светот.