Со отворени закани за санкции кои се вршат од страна на општинското партиско раководство на ДПМНЕ кон вработените во јавната администрација, вработените се приморани до своите претпоставени да носат списоци со „сигурни“ гласачи, обвини на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.
„Во прилог на ваквата омаловажувачка и потценувачка практика, ДПМНЕ од болниците, училиштата, градинките и општината направи свои партиски штабови каде се сее страв меѓу вработените. Заканите и притисоците кон вработените се јасни – или со сила ќе најдете и ќе донесете гласови за ДПМНЕ, или мислете му ја за вашето работно место. Достоинството на овие луѓе е спаднато на најниско можно ниво, но стравот кај нив од губење на работното место, најчесто поради нерешениот работен статус, е поголем од чувството за гордост и одважност. Тоа им го прави ДПМНЕ и на сопствените членови и симпатизери.“-истакна Кузески.
Кузески рече дека на сите им е јасно дека тие луѓе, што се натерани да влегуваат по домовите на своите роднини, соседи, пријатели и познаници, не го прават тоа затоа што сакаат, туку затоа што биле приморани и уценети од страна на партиското раководство на ДПМНЕ.
„Но, тоа е нивниот начин на владеење, тоа е начинот на однесување кон сопствените сограѓани. Затоа, почитувани сограѓани, немојте да се чудите доколку на роденден, слава, визита или едноставно – на кафе – Ви се појават на врата новопримени наставници, професори, негователки, лекари, медицински сестри или службеници од локалната самоуправа или од јавните претпријатија, кои прв пат ви влегуваат дома. И тие, кои не по нивна вина се приморани тоа да го чинат, и Вие, кои не по Ваша вина сте приморани да ги слушате – сте свесни дека „со сила убајна не бидува“.- рече Кузески и додаде:
„Од ваквото крајно неетичко и непрофесионално однесување трпи и градот Охрид кој поради престојните избори како да е буквално закочен. Охрид е нечист како никогаш досега, а нивните таканаречени проекти за осветлување, кои просто кажано значат редовно менување сијалици, се застанати. Трпението, разбирањето и толеранцијата кај луѓето, колку и да се големи, сепак имаат свој крај. Незадоволството и револтот поради таквото недостоинствено однесување на ДПМНЕ кон сопствените сограѓани, најдобро ќе го почуствуваат на тринаесети и на дваесет и седми Април.“– заврши Кузески.
WebOhrid