Под мотото „Саемот на книгата-саем за љубовта кон пишаниот збор“ синоќа во Метрополис арената свечено беше отворен 26-от меѓународен Саем на книгата …
На отворањето на Саемот кој годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура, автори, издавачи како и министерката Елизабета Канческа-Милевска оставија пораки посветени на љубовта кон пишаниот збор.
Саемот за отворен го прогласи професорот и филозоф Ферид Мухиќ кој од името на творците нагласи дека книгата е вечна и ги надраснува сите цивилизации.
Пред присутните се обрати и Горјан Лазаревски, претседател на Здружението на издавачи на Македонија, а од името на домаќинот се обрати претседателот на Управниот одбор на Скопски саем, Гвидо Омладиќ.
Во рамките на 26. Меѓународен саем на книгата претставени се над 70 издавачи. Читателите, традиционално, ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи. Инаку на Саемот на книгата и годинава се претставени најголемите домашни издавачи, но и издавачи од Србија, Албанија, Унгарија Шведска што го прави овој саем една од најатрактивните манифестации чија посетеност се движи од над 40.000 посетители.
За време на саемот ќе биде организирана и кампања на Facebook на тема: „Прати најљубовна порака поврзана со книгата и пишаниот збор, на Facebook-от на Скопски саем и добиј книга”, а во рамките на кампањата ќе бидат доделени 100 книги на „авторите“ на најубавите љубовни пораки.
Со поддршка од Министерството за култура и годинава продолжува и веќе традиционалната акција „Подари книга, подари богатство”, која има за цел поттикнување на подарувањето на книга посебно кај младата популација како најсоодветен подарок за сите пригоди.
Саемот е отворен до 14 април.