Работна средба помеѓу директорот на ЈП „Билјанини извори“, спортските работници од Охрид и директори на ЈП „Борис Трајкоски“

Со искуството од спортско рекреативниот центар „Борис Трајковски“, Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ ќе го развива и заживува спортот во Охрид.

„Знам колку е тешко еден спортски центар да стане бренд и препознатлив по спортските манифестации кои ги нуди. Ние поминавме четири напорни години за да ја оствариме оваа цел. Сето мое искуство ќе го пренесам на директорот од Јавното преппријатие „Билјанини Извори“, Ристе Мишев и се надевам дека во блиска иднина охридскиот спортски центар ќе го достигне нивото од „Борис Трајковски“ – рече Ратко Капушевски директор на С.Ц. „Борис Трајковски“.

При посетата во Охрид директорите на „Борис Трајковски“ и „Билјанини Извори“ остварија средба со спортските клубови и спортските работници и разменија идеи и мислења за подобра иднина на спортот.

„Во иднина ќе практикуваме повеќе вакви средби со спортските клубови и работниците за разменувања на мислења и идеи. Добив позитивни сугестии од директорот на Борис Трајковски, Капушевски кои ќе служат за добро на охридскиот спорт“ – истакна Мишев директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“.

Покрај средбата Мишев го прошета Капушевски околу спортскиот комплекс Билјанини Извори каде треба да се изградат затворениот базен, теренот со вештачка трева, тениски игралишта и  терен за кошарка и фудбал.