Градоначалникот Бакрачески најави економски препород на Охрид

По долги години, Охрид конечно очекува економски препород, стопанско заживување и отворање нови работни места. Синоќешната најава на премиерот Никола Груевски дека германскиот гигант од областа на автомобилската индустрија ОДВ електрик ќе инвестира  во  Охрид, денес ја потврди и градоначалникот Никола Бакрачески, кој откривајќи ги деталите посочи дека станува збор за инвестиција тешка 15 милиони евра која ќе обезбеди 1 000  работни места за охриѓани  во наредниве четири години. Во фабриката ќе се произведуваат автомобилски делови за познатите брендови: „Мерцедес“, „Фолксваген“, БМВ и Порше.

„Се работи за  фирма  која што во прво време ќе биде лоцирана во близина на локалитетот “Св. Еразмо“ во Охрид и за чии цели на самиот почеток ќе се вработат околу 100 лица и тие во  наредниве два – три месеци ќе одат   на едукација во Германија.  Веќе во месец  септември –  октомври годинава,  ќе почнат со редовниот производствен процес. Паралелно со тоа компанијата ќе стартува со градба на објектот на површина од 10. 000 метри квадратни“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески потенцира дека  приоритет  на новата локална гарнитура е стопанско заживување на Охрид и обезбедување  на  поголем број работни места.  

„Она што нас би не правело среќни е подигање на локалниот економски раст во Охрид и креирање на нови работни места. Можам да истакнам дека прв пат по 24 години во Охрид  и охридскиот регион после период на масовно  затворање на стопанските кпацитети и масовно отпуштање од работа, ова е прв пат со заеднички напори на Владата и општината  да се  вработат  1000 луѓе во наредниве четири години . Ова е период кога ние прекинуваме со праксата на затворање на стопанските капацитети и со отпуштање на работа и почнуваме еден нов период  на стопански препород на Охрид“, – рече градоначалникот .

Градоначалникот Бакрачески  најави дека во завршна фаза се преговорите на Премиерот на Владата Никола Груевски  со уште една германска фирма  која во охридско- струшкиот регион ќе инвестира во индустриски капацитет, во кој ќе се вработат уште 800 лица, со што бројот на ново вработени  охриѓани ќе се искачи на  1800 лица.

Во насока на стопанско заживување на Охрид, локалната самоуправа интензивно  работи на привршување на планската документација за индустриската развојна зона “ Мауцхер“ како и за локациите предвидени за дистрибутивно откуппни центри со ладилници за овошје кои ќе се отворат  во близина на Охрид.