На полноќ завршува кампањата за претседателските избори, утре молк

На полноќ завршува кампањата за претстојните претседателски избори, а утре е веќе молк.

Прекин од два дена ќе има во кампањата за вонредните парламентарни избори.

За прв пат оваа година за претседател на земјата ќе гласа и дијаспората. Еден ден пред изборите, односно утре, ќе гласаат македонските државјни кои работат и престојуваат во странство, како и внатрешни раселените лица, затворениците, луѓето кои се во домашен притвор, болните и војниците.

Во трката за претседател оваа година има четири кандидати и тоа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОм и Илијаз Халими од ДПА.

 Право на глас, според единствениот Избирачки список, на петите избори за претседател во недела имаат еден милион 779 илјади и 572 избирачи. Во посебните изводи на избирачи кои се наоѓаат во изводите на гласање се запишани еден милион 707 илјади и 228 гласачи. Вкупен број на избирачи кои се на привремена работа и престој во странство се 70.305, а од нив право на глас имаат 8.332, кои се пријавиле за гласање. Во ИЕ 7 (Европа и Африка) се пријавени за гласање 5.892 македонски државјани (Европа и Африка), во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка)-1.426  и во ИЕ 9 (Австралија и Азија) – 1.014. Во средата во ДИК гласаа и 294 членови на избирачките одбори кои ќе ги спроведуваат изборите во дијаспората.

Во сабота ќе гласаат и 1.706 затвореници, 39 внатрешно раселени лица, како и болните и немоќните лица.

Гласањето во недела кое ќе почне во седум  и ќе заврши до 19 часот, а ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во дијаспората. Оваа година бројот на избирачките места во земјата е зголемен за 504 имајќи ги предвид измените во Изборниот законик според кој во едно гласачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.

Претседателските избори ќе ги следат 8325 домашни и 326 странски набљудувачи.

Извор: Нет Прес