МОСТ со 580 набљудувачи на гласачките места

Првиот круг од Претседателските избори 2014, Граѓанската асоцијација МОСТ го следи со 580 набљудувачи, број со кој ќе се покријат исто толку гласачки места во Република Македонија. Со овие набљудувачи покриени се 15 проценти од гласачките места во целата држава, односно 15 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Покрај денешното гласање, вчера МОСТ го набљудуваше и предвременото гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор.

Жолтите маици, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано „Мониторинг 2014“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица и овластување исклучиво од овие избори.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни на кое избирачко место гласаат, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот.

Граѓанската асоцијација МОСТ упати уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Р Македонија. МОСТ верува дека учесниците во изборниот процес ќе покажат демократска култура и политичка волја и ќе ги стават државните пред партиските интереси, а граѓаните слободно ќе ја изразат својата волја.

Проектот „Домашно набљудување на Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од страна на Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за меѓународен развој и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.