Состојба на избирачките места според МОСТ

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Досега, забележано е:

– Гласачко место 0637 во општина Демир Хисар е отворено во 07:33, поради тоа што на кутијата за гласање пишувало избори за пратеници. По реакција на ИО, била донесена соодветната кутија.

– Гласачко место 2861/1 во општина Центар забележано е читање на глас на имињата на гласачите од страна на ИО.

– Гласачко место 1954 во општина Тетово е отворено со задоцнување од 10 минути поради доцнење со процедурата на подготовка за отворање.

– Гласачко место 1686 во општина Свети Николе, забележан е пропаганден материјал пред гласачкото место.

– Гласачко место 1680 во општина Свети Николе, забележани се неколку лица во дворот на здравствениот дом кои ги евидентираат лицата кои влегуваат на гласачкото место.

– Во населба Драчево, општина Кисела Вода, демолиран е изборен штаб на една политичка партија. Полицијата е на лице место и врши увид.

– На гласачкото место 2713 во општина Аеродром, 15 гласачи не биле запишани во Избирачкиот список и ИО не знаел каде да ги упати;

– На гласачките места 745, 746, 747, 774, 739 и 736 во општина Кичево и гласачкото место 409 во општина Гостивар видливото мастило се брише со влажни марамчиња и ацетон. Дополнително, процедурата на одбележување на палецот со видливото мастило не е спроведувана согласно закон, односно во неколку случаи мастилото е нанесувано само на ноктот на гласачот.

– На гласачките места 407 и 409 во општина Гостивар гласачките паравани се несоодветно поставени со што се нарушува тајноста на гласањето.

– На гласачкото место 2918/1 во општина Бутел, претставник на подносител на кандидатска листа се мешал во работата на ИО и ги поместувал гласачките паравани;

– На гласачко место 0002 во општина Берово, ИО ги чита на глас имињата на дел од гласачите;

– Пред гласачките места 668, 668/1, 669 во општина Кавадарци 2 лица ги евидентираат лицата кои влегуваат на гласачките места.

–  На гласачките места 0047, 0070 и 0081 во општина Битола, ГМ 1030 во општина Куманово, како и ГМ 2615 и 2622 во општина Карпош видливото мастило се брише со влажни марамчиња.

– На ГМ 0750 во општина Кичево гласањето било прекинато во 13:25 поради тоа што на 2 гласачи не им било дозволено да гласаат затоа што некој друг веќе бил потпишан на нивното место во Избирачкиот список. ИО увидел дека претходните 2 гласачи се потпишале на погрешно место во Избирачкиот список, при што им дозволил на овие 2 гласачи да се потпишат на местата на претходните гласачи. За ова е известена ОИК и се чека да пристигне на ГМ. Гласањето продолжило во 13:35.

– На ГМ 0671 во општина Кавадарци еден гласач одбил да биде обележан со видливо мастило при што ИО направил записник за случајот.

– На ГМ 2156 во општина Велес член на ИО му помогнал на гласач кој не можел да гласа сам. Гласачот со себе довел лице кое требало да му помогне при гласањето, но ИО не му дозволил да му помогне бидејќи лицето претходно гласало.

– На ГМ 1782 во општина Ново Село имало прекин на гласањето во траење од 10 минути. Пред гласачкото место се вршел поткуп на гласачи и член на ИО реагирал при што настанала тепачка и била повикана полиција.

– На ГМ 2948 во општина Бутел член на ИО води свој рачно напишан список за евиденција на гласачите. Прво ги проверува гласачите во својот список а дури потоа во Избирачкиот список.

– Пред ОУ “Браќа Миладиновци” (ГМ 1853) во општина Струга и ОУ “Климент Охридски” во општина Битола (ГМ 0119) забележани се лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат на гласачките места.

– На ГМ 1858 во општина Струга еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. ИО реагирал, но гласачот избегал од гласачкото место. ИО го пријавил инцидентот во полиција.

– На ГМ 2761 во општина Кисела Вода ИО ги чита на глас имињата на гласачите, а членовите на ИО не носат акредитации. Читање на глас е забележано и на ГМ 0091 во општина Битола.

– На ГМ 0884 во општина Чешиново-Облешево двајца гласачи јавно кажале за кого го дале својот глас, додека пак двајца гласачи на ГМ 0188 во општина Могила и 1 гласач на ГМ 0839 во општина Кочани на ИО му го покажале гласачкото ливче пред да го стават во гласачката кутија.

– На ГМ 1706 набљудувач на организацијата Излези и гласај се претставил како набљудувач на МОСТ. Напоменуваме дека набљудувачи на МОСТ се само оние лица кои со себе имаат овластувања од МОСТ и носат жолти маици со логото на МОСТ и натпис “Мониторинг 2014”.

– На ГМ 1234 во општина Неготино во 17:10 часот еден гласач ја скршил гласачката кутија, по што гласањето било прекинато. ОИК пристигнала во ГМ и се уште не се знае дали гласањето на ова ГМ ќе продолжи.

– На ГМ 2966/1 во општина Шуто Оризари дошло до инцидент помеѓу Радмила Шеќеринска и Амди Бајрам, по што интервенирала полицијата и ситуацијата се смирила.

– На ГМ 419/1 во општина Гостивар се забележани 7 случаи на семејно гласање при што гласале 16 лица. На ГМ 2971 во општина Шуто Оризари забележани се 10 случаи на семејно гласање, при што вкупно гласале 20 лица.

– На ГМ 1949 во општина Тетово еден гласач го фотографирал гласачкото ливче на што ИО не реагирал, иако било очигледно дека и другите присутни лица на ГМ го забележале тоа.

–  Пред средното училиште “Моша Пијаде” во Тетово забележани се лица кои водат кампања за бојкотирање на гласањето.

– На ГМ 1111/1 во општина Липково еден од акредитираните набљудувачи не му дозволил на еден гласач да гласа. Дошло до вербална расправија помеѓу нив која продолжила надвор од гласачкото место, по што интервенирала полицијата.

– Пред ГМ 0736 во општина Кичево, како и пред ГМ 0346 и 0349 во општина Гевгелија забележани се лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во гласачкото место. На гласачкото место 0309 во општина Виница евидентирањето го вршат активисти на политичка партија. На ова реагирала Општинската изборна комисија по што активистите биле отстранети од пред гласачкото место.

– На ГМ 1578, 1582, 1596, 1618 во општина Радовиш, на ГМ 0376 во општина Богданци, како и на ГМ 0932 во општина Кратово ИО ги читаат на глас имињата на гласачите.

– На ГМ 1865 во општина Струга имало отвор на гласачкиот параван со што била загрозена тајноста на гласањето.

– На ГМ 2277 во општина Штип едно лице се претставило како набљудувач на МОСТ и му било дозволено да го набљудува процесот иако немало ниту акредитација од ДИК, ниту овластување од МОСТ.

– На ГМ 0555 во општина Дебар набљудувач на еден подносител на кандидатска листа помогнал на 5 лица кои не можеле да гласаат сами. Тој бил опоменат од ИО, но сепак продолжил со ваквата практика.

– На ГМ 2850 во општина Центар еден гласач јавно го покажал гласачкото ливче пред да го стави во гласачката кутија.

Во текот на целиот ден на бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто се јавуваа за да се пожалат дека видливото мастило многу лесно се брише, како и за тоа дека ИО на глас ги читале имињата на гласачите.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите до 14 часот е 31,03%, до 15 часот е 35,22%, до 16 часот е 38,9%, до 17 часот е 42,4% и до 18 часот е 46,17%.