Во врска со прес-конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, со реакција излезе ОК на ВМРО-ДПМНЕ во која стои:
„СДСМ Охрид денес не смогна сили коректно и чесно да честита на победата во првиот круг на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Повторно со вечно истите флоскули, истите оправдувања и жалопојки се обидуваат да си најдат алиби за својот пораз. Очигледниот израз на гнев и излив на необична омраза кон националната опција е елементарен невкус во изјава дадена од кандидат за пратеник. Но, исто така тоа е воедно сликата на една пропадната опција каква што е СДСМ, на една нереформирана партија во која не вирее ништо друго освен омраза и малициозност. Така не се гради држава, тоа не е однос кон својот народ.
И затоа токму народот уште еднаш покажа дека се определува за скромноста и работливоста на ВМРО-ДПМНЕ, а не за ароганцијата и манипулациите на СДСМ. Уште еднаш покажа дека препознава дела, а не зборови и потрошени фрази.
Токму затоа препознаената разлика меѓу двете опции, граѓаните уште еднаш и уште посилно и победнички ќе ја потврдат на 27 Април кога јасно ќе дадат до знаење дека д-р Ѓорге Иванов ќе биде и официјално ново-стариот Претседател на Република Македонија, а партијата препознаена по делата и исполнувањето на ветувањата ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде апсолутниот победник со над 62 пратеници во македонското Собрание. И сето тоа само за доброто на Охрид и цела Македонија.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.