Тунтев: Во наредните две недели граѓаните ќе ги сфатат реалните состојби и ќе ја прифатат изборната програма на СДСМ и на Пендаровски

ОО на СДСМ од Охрид ја изразува својата благодарност до сите граѓани на Охрид, кои вчера излегоа на гласање во првиот круг на претседателските избори и го остварија своето уставно право и должност.

„Охриѓани, како и многупати до сега, уште еднаш на дело го покажаа својот полн демократски капацитет и висока политичка култура. Посебно ја изразуваме нашата благодарност до повеќе од 11.300 граѓани од Охрид, или повеќе од 37% од нашите сограѓани што излегоа вчера на гласање, кои својата доверба ја дадоа за кандидатот за претседател на СДСМ, проф. д-р Стево Пендаровски, и покрај заканите и притисоците од страна на власта во изминатиот период. Резултатите од првиот круг од претседателските избори го покажаа моменталното расположение, мислење и став на нашите граѓани во однос на понудените политички опции, но ни оддалеку не ја покажаа нивната слободно изразена волја. И покрај тоа, а имајќи ги во предвид и резултатите од минатогодишниот изборен циклус на локалните избори, кај граѓаните од Охрид се почувствува одредено придвижување и блага наклонетост кон понудените опозициски вредности. Тоа, длабоко сме убедени, уште повеќе ќе дојде до израз на 27-ми април, во вториот круг на претседателските избори, односно за претстојните вонредни парламентарни избори.“– изјави денес на прес конференција претседателот на ОО на СДСМ и кандидат за претеник, Томислав Тунтев.

Тунтев изрази задоволство што вчерашниот ден на гласање помина во мирна, спокојна и достоинствена атмосфера, за како што рече и доликува, за еден град каков што е Охрид.

„Сепак, независно од изборните резултати во првиот круг, остана горчливиот вкус и длабоката разочараност кај најголемиот дел од гласачите во Охрид, поради сето она што се случуваше во изминатиот период на предизборие, во врска со изборниот процес. Имено, нивото на демократијата или оценката дали едни избори биле фер и демократски, не се однесуваат само на денот на гласањето, туку се однесуваат на целокупниот изборен процес, од денот на распишувањето на изборите. Секојдневните закани, уцени и притисоци, што континуирано беа преземани од страна на власта во Охрид врз вработените од државната и јавната администрација, како и врз одредени ранливи категории на наши сограѓани, си го сторија своето, односно повторно имаа силно влијание кај поголемиот дел од засегнатите наши сограѓани. Ние искрено жалиме што голем дел од нашите сограѓани во изминатиот период беа изложени на невидени притисоци, заплашувања и манипулации од страна на власта во Охрид и што не беа во состојба да најдат и да покажат одважност и храброст да им се спротивстват на таквите недемократски начини на изнудување и купување на гласови. Но, потценувањето на сопствениот народ секогаш има крај и завршува неславно и погубно за тој што го спроведува, посебно кога се работи за изборна кампања и политичка стратегија што е заснована на национализам, меѓуетнички поделби, меѓусебна нетрпеливост и манипулации. Народот таквото однесување ќе го сфати, ќе го осуди и ќе го казни. Граѓаните на Охрид и на цела Македонија, независно од нивната политичка, верска или етничка припадност, во наредните две недели ќе ги сфатат реалните состојби и ќе ја прифатат изборната програма на СДСМ и на Стево Пендаровски, што ќе биде основа за промените за нов почеток што ќе се случат во Македонија за две недели, на 27-ми април. Политичката борба од денес продолжува, затоа што е време за промени, за нов почеток и за претседател каков што заслужуваат сите граѓани на Република Македонија.“– додаде Тунтев.

WebOhrid