Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN) го објави успешното завршување на регистрацијата на предложениот интернационален кириличен домен за Македонија (.мкд). Извршниот директор на ICANN, Фади Шехаде, му честита на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, за регистрацијата и му посака успешна промоција и афирмација на доменот во меѓународниот интернет простор.
Со националниот домен (.мкд) отсега ќе можат да се регистрираат веб страници на кирилично писмо, односно ќе бидат опфатени карактеристичните букви од македонската азбука како што се Љ, Њ, Ѓ, Ж, Ч, Ш и Џ.
После Русија, Србија, Казахстан и Монголија, Македонија е петтата земја во светот која има кирилична верзија на национален домен. Барањето до ICANN беше поднесено од страна на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.
Со воспоставувањето на националниот кириличен домен (.мкд) во меѓународниот интернет простор, направен е голем чекор напред во зацврстувањето на македонскиот јазик и писмо, како атрибути на националниот идентитет на македонскиот народ.
Инаку, процесот на регистрација им овозможува на земјите и териториите кои поднеле барање до ICANN да добијат меѓународен домен, кој ја презентира нивната земја или територија со име различно од латинското.