Костоски: После 27-ми април прво што ќе направиме е ќе го укинеме екстерното оценување

ОК на ВМРО-НП Охрид денес одржа прес-конференција, на која зборуваше претседателот и носител на пратеничката листа од ВМРО-НП Охрид, Ванчо Костоски. Целта на оваа прес-конференција беше оценувањето на еден од проектите на ВМРО-ДПМНЕ, проектот од областа на образованието, односно екстерното оценување.

Според Костоски наместо образованието да напредува, имаме назадување во сите сегменти од образованието, било во основното, средното. Најголеми пропусти биле направени во факултетското, односно универзитетското образование.

„За да бидат актуелни, го донесоа таканареченото екстерно оценување, кое што не претставува ништо друго туку само држење на контрола и на професорите и на родителите и учениците. Наместо учениците да се спремаат за полуматурски, матурски прославувања и завршување на своето образование, сите ученици од најмалите до најголемите се последните месеци во мај и јуни се изложени на стресови, со ова екстерно оценување. Ние како ВМРО – Народна партија кажуваме дека после овие избори 2014, после 27-ми април, прво што ќе направиме е ќе го укинеме екстерното оценување во однос на образованието.“ – истакна Ванчо Костоски.

Како што рече Костоски, наместо да им се дозволи на професорите, наставниците, учителите, да имаат креација во своите предавања, да ги образоваат што подобро нашите поколенија, професорите се претворени во еден шаблон.

„Евидентен е притисокот од просветните инспектори кои што секојдневно им стојат над глава и на директорите од средните и основните училишта и на професорите, односно вршење на притисок, се врши притисок на оваа фела од образованието. Енормно високи се и казните во образованието, од 700 до 3000 евра казна за наставник ако некоја од тие административни задачи, не направил како што треба. И тие се луѓе како и сите нас, и тие имаат свои деца, наместо да им се посветат после работа, тие мора уште 2-3 саати дома да пишуваат бидејќи не можат тоа да го постигнат на училиште. По 27-ми април овие казни ќе исчезнат или ќе бидат минимални и оваа администрација ќе ја намалиме, бидејќи професорите не се за администрација, тие се за едукација на нашите идни поколенија.“ – рече Костоски.

Костоски на прес-средбата потсети дека минатата година на иницијатива на советничката група на ВМРО-НП, беше изгласано за бесплатен превоз на сите просветни работници од општина Охрид, од својот дом до училиштата.

„Тоа функционираше неколку месеци, меѓутоа за жал со доаѓањето на новата Локална власт и на Бакрачески на чело на Општина Охрид, беше укината оваа одредба, односно наместо 100% која што ние им ја плаќавме, сега 50% плаќа Општината, а 50% од превозот плаќаат самите просветни работници.“ – додаде Костоски.

Костоски се надева дека просветните работници во Охрид и пошироко, ќе знаат да ја ценат заложбата на ВМРО-НП и дека нема да подлегнат ниту на притисоците, а уште помалку на купувањето на гласови.

WebOhrid