СДСМ: Денес продолжи ширењето на безочните лаги и манипулации од прес-конференциите од ДПМНЕ

ОО на СДСМ Охрид испрати реакција во однос на прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, на која зборуваше советникот Климе Шешоски. Во реакцијата стои:

„Срамотата и резилот никако да престанат во ДПМНЕ. Повторно невистини и измислици од Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ од Охрид. Денес, на Величетврток, кога нашите мисли треба да бидат посветени на Тајната вечера, на бескрајната почит кон сопствените ученици, соработници и пријатели, како и на заедничката молитва за сплотеност и заедништво, денес продолжи ширењето на безочните лаги и манипулации од прес конференциите од ДПМНЕ. Денес, на Величетврток, треба да им се восхитуваме на вистинските вредности и на вистинските луѓе околу нас, кои им даваат смисла на нашите животи. Наместо тоа, денешната слика на советникот Климе Шешоски, скриен зад говорницата на ДПМНЕ и натеран да прочита еден куп невистини и измислици за човекот што го сметаше за свој пријател, соработник и колега, изгледаше повеќе од жалосно. Не само од него, туку и од целата негова политичка партија, јавноста не очекуваше дека денес, на Величетврток, повторно ќе се дрзнат да продолжат со востановената практика – да ги лажат и манипулираат сопствените граѓани. Ние, како политичка партија, што целосно и доследно ги почитува нашите свети традиционални духовни и културни вредности, не сакаме и одбиваме и понатаму да комуницираме на ниското, непримерно и недостојно ниво на комуникација, што веќе подолго време се обидува да го наметне Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ.

Но, за крај, само би го запрашале советникот Шешоски за една работа – за кој и каков најмрачен период зборува во својата непримерна изјава?! Дали е тоа истиот „мрачен“ период кога нему најсилно му „светеше сонцето“?! Дали е тоа истиот период кога поранешната локална власт му ги додели сите тендери за техничко одржување и реконструкција на училиштата во општината? Дали е тоа истиот период кога неговата приватна фирма беше избрана и одредена да ги изведува работите на парните котли, на системите за греење и ладење на јавните институции и установи во Охрид и кога заработи илјадници евра? Дали е тоа „мрачниот“ период за кој Шешоски зборува во својата изјава? Вистина е дека „светлото сонце“ за Шешоски, кое силно започна да свети во времето на поранешната локална власт, продолжи и со новата градска власт. И не само тоа – сега, наместо да биде дел од нормативната власт во општината како член на Советот на Општина Охрид, тој истовремено наголемо е и дел од извршната власт, одработувајќи конкретни инвестициски и финансиски задачи и проекти за сегашниот градоначалник. Секако, повторно во интерес на сопствената фирма. И во овој мандат „сонцето силно свети“ за Шешоски, само што притоа се кршат законските и статутарните одредби. Но, сето ова нека им служи на чест – и на авторите на лагите и на манипулациите од ДПМНЕ, и на Шешоски што ја прифатил денешната трагична и жалосна улога на клеветник, и тоа на денешниот голем ден – Величетврток. Охриѓани се големи луѓе – простуваат, но не забораваат.“– стои во реакцијата на ОО на СДСМ Охрид.