Ученици од ОУ „Живко Чинго“ ќе го претстават своето училиште во емисијата „Голем одмор“ на МРТВ

На 23 април (среда), ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, Охрид, ќе настапи на училишната програма „Голем одмор“ на Македонската радио телевизија. Вкупно 54 ученици со своите наставници – ментори ќе ја имаат можноста да го претстават своето училиште, својата работа и успеси пред пошироката јавност во Република Македонија.

Тоа ќе биде големо искуство за овие ученици, бидејќи емисијата е во живо. Ќе има песни, драматизации, ритмички точки, игри, квиз, работилници и многу други активности што самите ученици веќе подолго време подготвуваат за оваа прилика.

ОУ „Живко Чинго“ е едно од училиштата во кое во моментов преку проект од Светска Банка во соработка со Владата на Р.Македонија, се вршат градежни зафати на фасадата на училиштето и реконструкција на санитарни јазли со водоводна и електрична инсталација.

ОУ „Живко Чинго“ е прво училиште од Охридскиот регион кое ќе биде гостин на оваа популарна училишна емисија меѓу најмладите. Емисијата ќе биде во живо на 23 април во 11:00 часот на МРТВ1.

WebOhrid